Сферични видеа, односно видеа со можност за поглед од 360 степени, ќе може да се гледаат директно од листата со новости на Facebook, како и на Oculus VR.
За ваквите видеа, како што истакна Марк Цукерберг на F8 конференцијата, се користат повеќе камери, во случајот 24, по што на корисниците им се овозможува поглед на сите страни од видеото.
Поддршка за вакви видеа најави и YouTube изминатата недела, а примерот кој што може да се гледа преку Chrome или YouTube апликацијата за Android покажува што се е можно со овие видеа.
Во основа, сферичните или видеата со поглед од 360 степени овозможуваат вртење на погледот при гледањето на видеото со едноставно повлекување со маусот на самото видео. Со тоа се овозможува поглед на страната која што за вас е интересна, наместо само таму каде што тоа го замислил режисерот на видеото.
Можете само да замислите за некоја година кога ќе почнат да излегуваат филмови снимени со ваква можност, па кога на тоа ќе се додаде и сет за виртуелна реалност, искуството ќе биде навистина различно од тоа што сме научени до сега.
Извор: TechCrunch