Пренесувањето на видео во живо преку социјалните мрежи се покажа како популарна можност којашто се користи од се’ повеќе корисници. Започна како можност најмногу корисна на познатите личности, па се прошири и кај обичните корисници кои на своите пријатели и роднини им пренесуваат за нив интересни и важни работи.
Facebook започна со тестирање на можноста за пренесување на видео во живо минатата година. За почеток оваа можност им беше достапна само на ограничен број на познати личности и официјални Facebook страни.
Од оваа недела можноста за пренос на видео во живо станува достапна за сите корисниците во САД. Ова не е за изненадување, повеќето нови можности прво се тестираат, па пуштаат за корисниците во САД, па потоа и за остатокот во светот.
Покрај тоа што можноста е ограничена во САД, истата е достапна само за корисниците на iPhone.
Поддршката за Android е во најава, меѓутоа нема точна информација за тоа кога може да се очекува. Достапноста за остатокот од светот е најавена за неделите што следат.
Инаку, започнувањето емитување на видео во живо е доста едноставно. Корисниците на својата iPhone апликација ќе треба да притиснат на копчето Update Status, како што тоа и досега го прават кога сакаат да објават нешто. Во овој дел ќе биде додадено ново копче Live Video. По додавањето на краток опис на видеото и избор кој се ќе може да го гледа, започнува преносот на видеото во живо.
По завршување на преносот, видеото се зачувува на Facebook како и сите други видеа, па е достапно за избраната публика да може повторно да го гледа. Корисниците исто така ќе можат да ги следат корисниците кои имаат видеа во живо, па секогаш кога ќе има ново видео, тие ќе бидат известени.