ID-100109795

Project Zero е проект дел од Google кој специјално работи на откривање на сигурносни пропусти во софтверските решенија достапни масовно за корисниците. По откривањето на вакви пропусти, развивачите на софтверските решенија кај кои е најден пропустот се известени по што почнува да тече рокот кој што тие го имаат да издадат закрпа.

Токму овој рок е нешто што предизвика проблеми изминатиот месец помеѓу Google и Microsoft. Project Zero имаше откриено сигурносен пропуст во Windows, но Microsoft не успеа да го „закрпи“ во рокот кој што е поставен од проектот, односно за 90 дена. Она што од Project Zero го прават по истекот на рокот е јавно објавување на пропустот, нешто што така и беше направено во случајот со Microsoft. Проблемот настана поради тоа што пропустот беше објавен на само 2 дена пред официјалното пуштање на закрпата од Microsoft, нешто што од компанијата сметаа дека треба да биде флексибилно.

Дали поради овој случај или и други слични, Google сепак реши да ја направи политиката на објавување на пропустите нешто пофлексибилна. Според новата политика, секој развивач на софтвер кој што планира да објави решение, меѓутоа нема да стигне во предвидениот рок, може да го извести Google и да добие продолжување од 14 дена да го направи истото.

Исто така, доколку рокот истекува за време на викенд или некој од американските празници, објавувањето на пропустите ќе биде одложено за наредниот работен ден.

Извор: Project Zero

Фото: Stuart Miles / freedigitalphotos.net

Претходна статијаiWork for iCloud апликациите достапни и за корисниците кои немаат Apple производ
Следна статијаПриправниците стануваат „загрозен вид“ поради напредокот на роботите
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.