static-graph

Кога ни треба пребарување низ светскиот океан на информации, го користиме најчесто Google (иако се исплати да ги проверите и алтернативите: Bing, DuckDuckGo). Откога се појави Google е најомилениот пребарувач, и брзо го истисна тогашниот најпосетуван, Yahoo!. Тоа е така бидејќи Google беше изграден на друг принцип – тој ги рангираше страните според тоа колку линкови водат до нив (ова е многу поедноставено објаснување, секако), со што на еден начин им ја откриваше нивната релевантност.

Google сепак не може да ви каже дали информацијата/веб страницата што ја нашол е точна, туку практично дали е популарна на Интернет. Секако дека Google не би бил Google ако не би работел на подобрување на своето пребарување и на ширење на опсегот. Претходно пишувавме за нивното вклучување на здравствени информации во пребарувањата, работата на вештачка интелигенција, намерата да стане виртуелен мобилен оператор… Сега истражувачите од Google објавија труд со кој се обидуваат да го решат проблемот на „вистинитост“ на податоците кои ги пребарувате.

Проблемот е следен: вие пребарувате нешто (на пример, „how to jump higher“) и ви излегуваат илјадници извори. Понекогаш ќе ви излезе и некое видео од YouTube, но најчесто изворите се многу познати страници како wikiHow кои не секогаш имаат точни информации. Затоа Google почна во посебни текстуални места (квадрати од страна) да прикажува информации кои се базираат на нивната Knowledge Graph.

Таа е практично систем на специјализирана вештачка интелигенција која „копа“ по интернетот и прибира информации и „факти“, кои потоа или се прегледуваат или се сервираат директно како што биле извадени. Според истражувачите, ако се спојат „фактите“ од Knowledge Graph со пребарувањата на страниците, можно е да се достават „поточни“ информации до корисникот.

Секако дека ова е теоретската претпоставка. Според Google, изворите на информациите во Knowledge Graph треба да се „доверливи“ извори како Wikipedia, Freebase или CIA World Factbook. Секој искусен пребарувач веднаш ќе ги забележи потенцијалните проблеми со користење на вакви „доверливи“ извори. Википедија е одлична за информации околу природните науки и таму каде што нема голем удел личниот интерес на луѓето (како на пример, структурата на АТП). Тој што читал историски или политички теми на Википедија знае дека тие не се скоро воопшто доверливи и се предмет на постојана вандализација од разни досадни членови кои сакаат да ја свртат вистината и историјата на своја страна. CIA World Factbook е многу подоверлив извор кога би гледале општо, но сепак доаѓа од CIA.

Ова се` би значело дека преку ваквото пребарување со презентирање на сомнителни „факти“ Google би можел да послужи како одлична алатка за пропаганда. На пример, што би ви одговорил Google во случајот кога би се истражувала бројноста на убиени Ерменци во геноцидот врз нив од страна на Турција? Ерменија кажува дека се убиени 1,5 милиони ерменци, Турција дава значително помали бројки и негира дека тоа било воопшто геноцид. Која „вистина“ ќе победи? Таа која ќе ја одлучи CIA или најдосадните модератори на Википедија?

Останува да видиме како ќе се развива во иднина овој систем на верификација на вистината и дали навистина ќе нуди доверливи факти или пак ќе бидат налик пропаганден материјал.

Извор: Washington Post, New Scientist

Претходна статијаСо технологија до освојување на океаните: Економско-политичка анализа
Следна статијаHuawei CarFi – WiFi hostpot за во возило