Microsoft може да се каже дека во последно време повеќе новости воведува во онлајн верзијата на Office, отколку во десктоп програмите. Тоа и не е толку чудно кога ќе се земе во предвид дека онлајн верзијата има помалку опции, а исто така таа е бесплатна за сите корисници преку веб прелистувач. Колку подобро искуство имаат корисниците преку веб верзијата, толку се поголеми шансите дека тие ќе ја користат и платената верзија од Office пакетот.
Денеска преку својот блог од компанијата ја претставија новата функција наречена Insights for Office. Истата на почеток ќе биде достапна за Word Online, а информации за нејзино проширување и во другите онлајн апликации, па дури и десктоп верзиите, нема.
Она што го овозможува оваа функција на корисниците е да пребаруваат работи без потреба од отворање на нов прозор или таб од прелистувачот. Резултатите од пребарувањето се добиваат од Bing и истите се прикажуваат на десната страна од екранот, односно документот.
Меѓутоа, резултатите не се прикажуваат исто како во пребарувачот, само во намалена форма од десната страна. Тие се прилагодени и прикажани во форма на карти, па информацијата ја добивате веднаш, а не само линк до страна каде што треба да ја побарате информацијата.
Прикажувањето на резултатите е уште поконкретно врз основа на текстот кој што го имате напишано во документот, па ќе ви бидат прикажани резултатите поврзани со текстот, а не општо резултатите кои што се најпопуларни кај пребарувачот. Ова се прави врз основа на скенирање на текстот кој што го пишувате, односно врз основа на алгоритми кои што го поврзуваат текстот со резултатите кои што се добиваат.
Пребарувањето преку Insights for Office може да се прави на два начина. Едниот е преку селектирање на збор од текстот за кој што сакате да направите пребарување, а вториот директно преку внесување во лентата на горниот дел од екранот.
Пример за тоа како функционира Insights for Office e прикажан на сликата на почетокот од статијата. Доколку пишувате нешто за некоја личност, во овој случај за поранешниот американски претседател Абрахам Линколн, можете да го селектирате неговото име и ќе ви бидат прикажани кратки информации за него.
Исто така, доколку го пребарувате зборот Amazon, врз основа на текстот кој што го пишувате, резултатите наместо да бидат за моментално најпопуларниот резултат за овој збор, Amazon компанијата, тие ќе бидат за реката, на пример или можеби и џунглата, се разбира доколку за тоа пишувате.
Резултатите се прикажуваат покрај од Bing, исто така и од Wikipedia и Bing Image Search.
Извор: Office