Ако не следиш што се случува со Фејсбук деновиве, честитки, надвор од grid-от си и тоа е за поздрав. Накратко, Фејсбук ја има најлошата година од своето постоење.
Да се каже дека Марк Цукерберг е во длабока неволја е во најмала рака блага изјава. Фејсбук беше напаѓан од сите страни поради нивната наводна ноншалантност во справувањето со руската медиумска пропаганда во текот на претседателските избори во САД во 2016 година. Скандалот со ширењето на лажни вести (Фејсбук беше напаѓан дека го потпомага овој процес) беше исто така актуелен долго време.
Во најновата драма околу оваа социјална мрежа, беше обелоденето дека податоците на околу 50 милиони корисници биле злоупотребени. Односно, компанијата Кембриџ Аналитика (деновиве поомразено име е можеби само Мартин Шкрели), ги собирала податоците на корисниците на Фејсбук за една цел, а ги користела за сосема друга.
Тоа поведе низа контроверзи и ширењето на #deletefacebook (дури и коосновачот на WhatsApp, кој беше купен од страна на Фејсбук за милијарди долари, се приклучи на оваа кампања)
Не знам колку повеќе информации ни требаат за тоа како Фејсбук ги злоупотребува нашите податоци за да размислиме повеќе за тоа како ја користиме оваа социјална мрежа.
Она што ни стои на располагање е деактивација, или во крајна линија бришење на профилот. За некои ова е премногу драстично. Ако сакате да продолжите да комуницирате со вашите пријатели и роднини, тогаш барем преземете ги следниве чекори.
Користете ја опцијата Privacy Checkup
Фејсбук на интерактивен начин ви дозволува да се едуцирате за тоа кој може да ги види вашите податоци. Преку оваа опција исто така може да проверите кој може да ги погледне вашите постови, без разлика дали се работи за пријател или за некоја од апликациите кои сте ги инсталирале преку Фејсбук.
Дво-факторска автентикација
Ова е една од покорисните опции кои ви стојат на располагање, без разлика дали се работи за Фесјбук, Гугл, или некоја од другите услуги што ги користите.
Доколку ја активирате, секогаш кога ќе пробате да се логирате на Фејсбук од некој нов компјутер или мобилен уред, ќе мора да внесете код кој Фејсбук ви го испраќа преку СМС. Ова значи дека ако некој ја има вашата шифра за логирање, нема да може да пристапи на вашиот профил бидејќи ќе му недостасува потребниот код.
За да ја активирате, влезете во Settings > Security and Login.
Не инсталирајте апликации
Игри, квизови, тестови и другите апликации достапни преку Фејсбук се тројански коњи кои се во потрага по вашите лични податоци. Впрочем, на ваков начин биле собрани и податоците на оние 50+ милиони корисници од страна на Кембриџ Аналитика.
Поради тоа, размислете добро дали ќе ја инсталирате играта која нема да донесе никаква позитивна промена во вашиот живот, или ќе си ја сочувате приватноста и вашите податоци.
Како за почеток, овие три работи се доволни за да го користите Фејсбук безбедно. Постојат уште многу, но за нив во некој нареден напис.