Колачиња (cookies) се мали текст фајлови кои што автоматски се симнуваат на вашиот компјутер кога сурфате на веб страните. Овие фајлови овозможуваат да бидете запомнети, по што кога ќе се вратите на страната ќе ви бидат запомнети и вашите прилагодувања, вашата најавена сесија и слично. Овие колачиња исто така можат да ја следат и вашата активност на другите сајтови, односно не само на сајтот од каде што се поставени. Најголемата примена колачињата кои што ја следат вашата активност имаат во бизнисот на рекламирање, каде што маркетинг компаниите ги учат вашите навики со цел да можат да ги прилагодат нивните кампањи.
Меѓутоа колачињата се користат одамна, па веќе се користат повеќе начини за нивно блокирање, па нивната ефикасност и корисност во следењето на интернет активноста на корисниците е намалена. Поради тоа се бараат и развиваат други начини кои што ќе се користат за следење на вашата интернет активност.
Еден од тие начини е canvas fingerprinting, начин на идентификување на вашиот компјутер преку користење на начинот на рендерирање на страните од вашиот прелистувач. Поточно, на вашиот прелистувач му е претставена невидлива слика која што тој треба да ја повлече и да ја врати на серверот. Врз основа на начинот на кој што тоа го прави се добиваат информации за верзијата на прелистувачот, оперативниот систем, графичката картичка, фонтот кој што се користи и слични информации. Се очекува дека комбинациите кои што ги има одреден компјутер од сите овие информации е уникатен за него, па ова може да претставува негов „отисок од прст“ по кој што ќе биде идентификуван на веб.
Истражување направена од страна на KU Leuven и Princeton University ја прикажува распространетоста на кодот кој што се користи за вакво следење на корисниците. Она што е интересно е што со истражувањето е откриено дека најголемиот дел од следењето се врши од страна на AddThis компанијата која што е позната по додатоците на веб страните за споделување на содржината, односно познатите share buttons. Компанијата која што нејзиниот додаток се користи на огромен број на веб страни, воопшто ги нема информирано сопствениците на страните дека тие се користат за тестирање на овој начин на следење на корисниците.
Според информациите, заштитата од овој начин на следење на корисниците е многу тешко, а меѓу ретките начини за заштита е користење на Tor прелистувачот, меѓутоа неговото користење не е погодно за обичниот корисник.
Извор: Geek, ScienceDaily, Phys.org, Engaget