Со потпишувањето на договор на Microsoft со Dropbox минатата година, можевме да видиме дека од компанијата нема да ги „тераат“ корисниците да го користат само нивното OneDrive решение. Кога се работи за политиката на достапност на сервисите на повеќе платформи, Microsoft покажува дека Office пакетот на апликации е посебен сервис кој што не е доволно само да е достапен и на Android и iOS.
Корисниците на овие платформи иако го имаат OneDrive како можност, често се корисници на некои други решенија како што е Dropbox или Box на пример. Тоа посебно може да се каже дека е случајот со корисниците на Apple производите каде што може да се научени да ги чуваат нивните документи во iCloud.
Новата политика на Microsoft е да корисниците го користат Office за работа со документи, без разлика кое cloud решение го користат за нивно чување. За таа цел тие покрај Dropbox, ќе овозможат и други cloud сервиси да се поврзат со апликациите и документите зачувани во нив да може да бидат отворени, изменети и повторно зачувани преку Office.
Во правец на оваа политика, Microsoft објави две новини кои што го овозможуваат нејзиното остварување. На iPad и iPhone, корисниците сега ќе можат да се најават и да ги отвораат документите од iCloud директно во Office апликациите достапни за iOS платформата. Покрај можноста за поврзување со iCloud, како и веќе достапната Dropbox, Microsoft најавува дека има за цел тоа да го овозможи за сите заинтересирани cloud провајдери.
Промена има и на Office Online апликациите кои што исто така добиваат можност за поврзување со повеќе cloud сервиси. За почеток Microsoft најави соработка со Box, Citrix и Salesforce, а понатаму и за дополнителни сервиси.
Поддршката за повеќе cloud сервиси се најавува и за Android верзиите на Office, како и на Windows 10 кои што се моментално во Preview верзија.
Ваквите одлуки веќе станаа нормална и очекувана работа од страна на Microsoft под водството на Satya Nadella. Тие гледаат да ги овозможат своите сервиси на што повеќе корисници, па денеска тоа значи и поддршка за повеќето други платформи поради помалата популарност на Windows.
Извор: Office Blog