Исклучувањето на The Pirate Bay од страна на шведската полиција сигурно не направи да корисниците сега веќе немаат од каде да ја симнуваат пиратската содржина. Постојат уште многу други торент сајтови, а IsoHunt сака да овозможи таа бројка да стане толку голема, што ќе биде скоро невозможно тие да бидат исклучени.
IsoHunt е исто така познат торент сајт кој што имаше проблеми, па денешната негова верзија е направена од страна на целосно нов тим и на друг домејн. Тие по исклучувањето на TPB пуштија страна која што во голем дел беше составена од дата базата на сајтот, односно милионите торенти поставени до сега. Корисниците може да ги пребаруваат и симнат исто како од оригиналниот сајт.
IsoHunt сега сака да овозможи секој со малку познавање на работата на веб серверите, а се разбира и пристап до некој, да може да направи еден вид на копија на The Pirate Bay. Open Bay е наречен проектот и истиот е со отворен код и достапен на GitHub за секој кој што сака да го доработи и унапреди.
Сепак, Open Bay не е нешто што буквално на секој корисник ќе му овозможи да направи целосно функционален сајт кој што ќе функционира како TPB. Корисниците имаат можност да се поврзат со дата базата на IsoHunt или да ја симнат содржината од дата базата на TPB пред исклучувањето која што содржи повеќе милиони торенти.
Интересно е да се види како затворањето на TPB само предизвикува уште поголема популарност на ваквите сајтови и појава на нови. Сепак ова е за очекување како реакција во време кога луѓето размислуваат за својата слобода и живеат во каква таква демократија. Обидот да се ограничи пристап до нешто, а посебно ако тоа се наоѓа на интернет, обично предизвикува спротивен ефект од тој што властите се надевале.
Извор: Ars Technica, VB