
Douglas Williams, 69 годишниот сопственик на веб страната polygraph.com и поранешен полициски службеник кој има работено со полиграф тестови, е обвинет дека тренира луѓе да можат да го победат таканаречениот детектор на лаги и да излажат при нивно тестирање. Луѓето кои што тој ги тренира, се разбира за паричен надомест, се луѓе кои што треба да аплицираат за работа во федералните агенции како полициски и разузнавачки агенции, како и други ситуации кога од некој е барано да биде тестиран со полиграф.
Тој на неговата страна истакнува дека веќе е докажано дека полиграфот како тест воопшто не може да се земе како точен при одредување дали некој ја кажува вистината или лаже. Поради тоа дури и да ја кажувате вистината, во 50% од прашањата најверојатно ќе испадне дека лажете поради фактот што повеќето луѓе се возбудени кога им се поставуваат прашањата.
Инаку полиграф тестот се прави врз основа на мерења на вашиот пулс, работа на срцето со што се добива увид во нивото на возбуденост кога ви се поставуваат прашања. Пред да бидат поставени прашањата за кои што се врши тестирањето, на луѓето им се поставуваат тест точни и неточни прашања со цел да се утврди меродавноста на тестот.
Меѓутоа од многу тестирања е заклучено дека сепак овој метод на откривање на вистината не е меродавен и името кое што обично се користи за полиграф тестот не е воопшто заслужено и точно. Многу луѓе успеваат да научат како да го „измамат“ тестот, па во повеќето судови овој начин на собирање на изјави веќе не се зима во предвид.
Исто така, нивото на возбуда веќе не се смета за меродавно за заклучување дека личноста не ја дава вистинитата изјава. Луѓето кои што се тестирани на овој начин многу лесно може да се возбудат пред одредени прашања чисто од стравот дека може да испадне дека лажат, иако изјавата што ја даваат е вистинита.
Douglas Williams на неговата страна има поставено и видео на кое што објаснува зошто ја работи оваа работа, како и дека обвиненијата против него се неиздржани врз основа на првиот амандман во американскиот устав за слободата на говорот. Тој тврди дека преку неговата страна сака да го изрази неговиот протест против користењето на полиграф тестови за одредување на вистинитоста на изјавите.
Извор: Ars Technica, DOJ, Polygraph.com