Twitter оваа недела и официјално го потврди и претстави новиот дизајн на профилите на корисниците на оваа мрежа. Истиот можеше да се види пред нешто повеќе од еден месец, преку профилите кои што го добија предвреме во фазата на тестирање. Сега дизајнот е излезен од тест фазата и постепено ќе биде пуштен и имплементиран на профилите на сите корисници во текот на неделите што следат. Додека не го добиете новиот дизајн на вашиот профил, во продолжение можете да прочитате што е ново во него. Исто така новите корисниците ќе го добијат дизајнот уште од самиот старт, што значи нема да треба да чекаат неколку недели.
Новиот дизајн на профилите на Twitter може да се каже дека е направен зимајќи ги во предвид и другите социјални мрежи, нивните предности и маани. Па така, дизајнот потсетува или исто така може да се каже дека е комбинација на Facebook и Google+. Меѓутоа ние не би ги критикувале за ова луѓето од Twitter зошто живееме во време кога е многу тешко да се направи нешто уникатно, посебно кога постоечките работи се надградувани и ги даваат потребните функционалности.
Кога ќе го отворите вашиот профил веднаш ќе ја забележите сличноста со другите социјални мрежи. Целиот распоред е изменет, па профил сликата сега е поставена на левата страна, а позади неа стои многу поголема насловна (cover) слика. Понатаму, од левата страна се поставени информациите за профилот, а на десната страна работи поврзани со Twitter, односно препораки за следење на други корисници и слично. Во средината се наоѓа листата со новости на која што се прикажани твитовите, а воведена е и можноста за нивно закачување на почетниот дел од листата.
Најдобрите твитови, односно тие кои што имаат најголем број на споделувања, коментари и слично ќе биде истакнати на профилот со тоа што ќе бидат нешто поголеми од останатите. Исто така ќе можете да ги филтрирате твитовите кои што ги разгледувате, односно да изберете дали сакате да ја гледате листата со сите твитови, тие со слика или тие со одговори.
Доколку сакате да разгледате како ќе изгледаат новите профили, на следните линкови можете да ги видите некои од профилите кои го имаат добиено дизајнот, @zacefron, @channingtatum.
Дали ви се допаѓа новиот дизајн ?
Извор: Twitter