Иако голем дел од картичките кои што се користат за плаќање преку PayPal сервисот се од Visa, сепак со се поголемиот развој на онлајн плаќањето, Visa решаваат дека сакаат да имаат и свое решение. Ова воопшто не е за изненадување кога ќе се земе во предвид дека и покрај големата популарност и достапност на PayPal сервисот (сега конечно и во Македонија), сепак не е мал бројот на онлајн места каде што корисниците се’ уште плаќаат внесувајќи ја нивната кредитна или дебитна картичка.
Како што објаснуваат од Visa, платежните картички се одличен начин да платите за тоа што го купувате во физичките продавници. Се што треба да направите е да ја дадете вашата картичка да го внесете својот пин код и плаќањето е направено. Меѓутоа ова не е случајот со плаќањето со картичките преку интернет. Кога купувате нешто онлајн и кога ќе дојде делот за плаќање, процесот обично е доста долг, па од таму доаѓа и популарноста на сервисите како PayPal, покрај другите предности. Корисниците кои што плаќаат со картички при секое купување треба да внесуваат поголема листа со информации која што ги вклучува името и презимето, бројот на платежната картичка, адресата на достава и повеќе.
За да го олеснат овој процес, а корисниците веќе да не мора да ја внесуваат големата листа со информации, од компанијата го претставија сервисот кој што го нарекуваат Visa Checkout. Овој сервис работи на тој начин што на својата корисничка сметка ги внесувате вашата платежна картичка (која што не мора да е само од Visa), адресата за достава и слични информации, нешто што ќе треба да го направите само еднаш. Потоа кога купувате нешто онлајн се што треба да направите е да го внесете вашето корисничко име и лозинка и плаќањето ќе биде извршено. Ова сигурно ви е познато, затоа што во основа го претставува концептот на PayPal.
Една предност која што ја истакнуваат од Visa за нивниот сервис во споредба со PayPal, е неговата имплементација директно на страната на која што купувате, со што плаќањето побрзо се извршува без потреба од отворање на посебна страна, како во случајот со PayPal. Исто така од Visa нагласуваат дека ги користат сите достапни алатки за заштита на вашата трансакција и се прават проверки за нејзина авторизација.
Visa Checkout сега е достапен само во помала бројка на продавници во Америка, Австралија и Канада. Информации за проширување на сервисот во повеќе земји се’ уште нема, а тоа сигурно ќе зависи од успехот на сервисот во земјите каде што е сега достапен.
Извор: TechCrunch, MarketWatch, FastCompany, Visa