Windows10-logo

Оваа недела излезе информацијата дека iTS (приватен торент тракер) имаат решено да го блокираат пристапот од корисниците кои го користат Windows 10. Главната причина за ова веќе е дел од јавните дебати, односно се работи за количината и видот на информации кои што Windows 10 ги собира и испраќа до серверите на Microsoft, како и до трети страни.

Како дел од овој начин на работа на оперативниот систем се истакнува и можноста за блокирање на пиратски содржини. Меѓутоа како што објаснивме минатата недела, оваа можност се однесува за апликациите инсталирани преку Windows Store, како и за другите сервиси од Microsoft, меѓутоа не се однесува за работите кои што корисникот сам решил да ги инсталира од трети страни.

Од iTS преку Reddit истакнуваат дека: „Покрај другите работи Windows 10 ја испраќа содржината на вашиот локален хард диск директно до еден од нивните сервери.“.

Меѓутоа, освен ако луѓето од iTS немаат некој нивни посебни извори, досега не е откриена ваква практика од страна на новиот оперативен систем.

Се разбира, Windows 10, меѓутоа и повеќето други, собираат прилично голема количина на податоци кои што се користат за разни намени. Во главно се работи за прикажување на реклами, подобрување на системот за предлози при пишување и многу други сервиси.

Можноста за злоупотреба на прибраните информации секогаш останува, посебно по откритијата за степенот на заинтересираност за нив од страна на владините агенции. Од тоа што сепак можевме да го истражиме, Windows 10 не собира ништо повеќе приватни информации од тоа што се прави генерално од оперативните системи.

Новите можности на оперативниот систем, а со тоа и податоците кои што ги собира во главно може да бидат исклучени во прилагодувањата. Постојат одредени информации за продолжување на комуникацијата со серверите и по исклучувањето на одредени опции, меѓутоа од компанијата истакнуваат дека собирањето на податоците е со цел обезбедување на одредени сервиси.

Microsoft дефинитивно ќе треба подобро да го објасни позадинското работење на нивниот оперативен систем. Без разлика кои и колку од овие информации се загрижувачки, интересот на јавноста е привлечен, а со оглед на потребата на компанијата Windows 10 да успее, сигурно ќе може да очекуваме некакво објаснување.

Извор: ArsTechnica, TorrentFreak, PCWorld

Претходна статијаДиета за патиштата – можно решение за велосипедисти и помалку судари
Следна статијаCortana за Android достапна за сите корисници во бета верзија
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.