Следењето на онлајн активностите се нешто што секоја власт сака да го прави на што полесен начин. Тоа во основа се користи за откривање и следење на криминални активности, во време кога најголемиот дел од комуникацијата се прави преку интернет. Степенот и начинот до кој што властите го користат интернетот за следење на корисниците, доби на популарност по објавувањето на тајни информации од страна на Edward Snowden. После излегувањето на информациите, се промени целосната слика за интернетот и неговата приватност.
Според труд објавен од страна на Morgan Marquis-Boire на University of Toronto’s Citizen Lab, властите ги имаат користено YouTube видеата, како и Live сервисот од Microsoft за пресретнување на комуникацијата и вметнување на малициозен софтвер на компјутерот на корисникот, со што добиваат целосна контрола над него. Овој начин на следење на корисниците се користи за конкретни корисници, односно иако може, не е користен за масовно контролирање на компјутерите на обичните корисници. Со добивањето на контрола врз нечиј компјутер, се добива пристап до сите негови ресурси, што значи дека може да се следи целата комуникација преку компјутерот, се добива пристап до фајловите и слично.
Софтверот кој што се користи за следење на корисниците во денешно време не е развиван само од страна на големите земји. Постојат компании кои што развиваат и продаваат софтвер за цени кои што можат да си ги дозволат сите земји во светот, па со тоа секој може да ја добие способноста за следење на корисниците.
Она што е до некаде добра вест е тоа што и Google и Microsoft сега користат заштитена HTTPS конекција за нивните сајтови и сервиси, што треба да овозможи заштита од пресретнување на комуникацијата и вметнување на малициозен софтвер.
Извор: The Intercept, Engadget, The Verge
Слика: SOMMAI / freedigitalphotos.net