Apple Watch треба официјално да почне да се продава од овој Април. Ќе бидат достапни три модели, односно основна, спорт и посебна edition верзија. Уште сега се создава атмосфера која што ја најавува популарноста на часовникот кога ќе биде достапен. Според многу се очекува ова да биде часовникот кој што ќе ги направи паметните часовници масовно продавани производи.
Ваквите очекувања се и покрај веќе не толку малиот број на конкурентни часовници од поголемите производители. Она што се претпоставува дека е причина за постепеното зголемување на популарноста на паметните часовници е нивниот дизајн, кој што луѓето сепак покажаа дека сакаат тој да биде скоро ист со класичните часовници. Исто така, тука е и проблемот со траењето на батериите кај повеќето модели кои што исто како мобилните телефони, треба да се полнат секој ден.
Apple како и секогаш посветува посебно внимание на развојот на своите производи, од нивниот дизајн, па се до функционалноста. Можеби не се очекува часовникот од Apple да ги има решено некој од проблемите на другите производители, а посебно тој со батеријата, но очекувањата се дека сепак корисниците ќе покажат многу поголем интерес за оваа категорија на производи кога е Apple зад нив.
Еден од примерите како пристапуваат на процесот на развој на производите од компанијата е извештајот од Wall Street Journal. Според нив, Apple има планирано да вклучи повеќе функции во часовникот кои што се поврзани со мерење на одредени здравствени параметри на корисникот. За таква можност беше и шпекулирано минатата година пред официјалното претставување на часовникот.
Некои од функциите кои што требало да бидат дел од Apple Watch се мерење на спроводливоста на кожата врз основа на што би се мерело нивото на стрес, како и пулсот. Исто така, биле тестирани и сензори кои што би го мереле крвниот притисок на корисникот, како и нивото на кислород во крвта.
Според информациите, овие функции од часовникот биле откажани поради тоа што се покажало дека тие не можат да бидат секогаш исто и точно измерени. Многу фактори влијаеле на нивните резултати, како што се влажноста на кожата, влакната на рацете, како и степенот на стегнатост на часовникот на раката. Сите овие фактори прават да резултатите кои што би биле прикажани варираат многу, што корисникот не би знаел дали добива навистина точен резултат.
Со други зборови, одредени технологии се’ уште не се доволно развиени за да може да се користат најнормално од крајниот корисник без потреба од стручни познавања или прилагодувања, што е целта на Apple. Тоа значи дека овие функции може да се очекуваат во иднина во некој од наредните модели од паметните часовници.