Cyanogen им е познат на нешто понапредните корисници веќе одамна. Тие станаа познати по изменетата верзија од Android оперативниот систем која што се покажа како една од најдобрите достапни. Причина за тоа беше едноставноста на системот, додатните можности за измена на функциите, како и достапноста на огромен број на Android уреди.
Од проект на група на програмери, Cyanogen прерасна во стартап компанија која што продолжува со посериозен развој на оперативниот систем. Тоа помина со одредени проблеми, односно откажување на дел од програмерите кои што сметаат дека нивната цел не е заработката.
Од компанијата тврдат дека нивната верзија од Android се користи од страна на повеќе од 50 милиони корисници кои што имаат одлучено да ја инсталираат на местото на оригиналниот систем со кој што имаат дојдено нивните уреди. Може слободно да се каже дека голем удел во популарноста на Cyanogen имаат и самите производители на уреди кои што го изменуваат Android со огромен број на промени кои што корисниците се помалку ги сакаат. Многу добар пример за тоа е TouchWiz од Samsung, за кој што конечно се најавува негово поедноставување.
Cyanogen до сега има успеано да собере повеќе инвестиции од разни компании и личности во милионски суми, што ја прави вредноста на компанијата во рамките на неколку стотици милиони.
Kirt McMaster, главниот директор на Cyanogen, изминатата недела изјави дека сакаат да го тргнат Android оперативниот систем од контролата на Google. Причината за тоа е фактот што Google бара од производителите на мобилни уреди, како и тие што прават изменети верзии од системот, да ги вклучуваат Google Search и Google апликациите како главни. Ова се разбира не е воопшто чудно кога ќе се земе во предвид фактот дека сепак основниот бизнис на Google се базира на продавање на рекламен простор, па Android е уште една платформа која што го овозможува тоа.
Cyanogen размислуваат за претставување на верзија од Android која што нема да работи со сервиси на Google, односно нема да биде вклучена ни Play Store продавницата. На овој начин моментално работи Amazon со нивните уреди, меѓутоа тие не може да се каже дека имаат нешто голема популарност. Cyanogen веќе преговара со некои производители да го вклучуваат нивниот оперативен систем во уредите што ги продаваат.
Според информации од Wall Street Journal, Microsoft е во тајни преговори со Cyanogen за инвестирање на одредена сума на пари во компанијата. Зошто тоа би го направиле од Microsoft не е познато, посебно затоа што тие имаат сопствен оперативен систем кој што треба да го развијат.
Сепак, кога ќе се земе во предвид дека Windows Phone држи многу мал дел од пазарот, а информациите покажуваат дека тој дел не се зголемува нешто значително, не е чудно Microsoft да разгледува други стратегии за зголемување на сопствената присутност кај корисниците.
Тие развиваат доста сервиси и апликации, како Office, OneDrive и слични, кои што со новата политика на компанијата се достапни на сите платформи. Со инвестирањето во Cyanogen, можно е вклучување на нивните сервиси во оперативниот систем наместо тие од Google.