Европската Комисија, врз основа на законот за Дигитални Пазари, продолжува со, кратко кажано, нарушување на начинот на којшто функционира Apple. Тие бараат од компанијата отворање на нивниот затворен систем по кој се познати, а очекувано од компанијата не се баш среќни за истото.
Во најновата серија на барања кон Apple, објавени во форма на насоки под законот за Дигитални Пазари за развој на иновативни производи на платформите од компанијата, барањата се поврзани со овозможување на пристап до одредени функции.
Во основа Apple се познати дека развиваат затворен систем, а одредени функции се овозможени само за производите од компанијата. Тоа иако се претставува како предност за приватноста на корисниците, сепак прави да корисниците не сакаат да користат, на пример, паметен часовник од друг производител.
Најновите барања од Европската Комисија се токму во овој правец, односно Apple да го отвори системот за другите. Од нив се бара пристап до системот за известувања, можност за побрз пренос на податоци преку отворање на NFC чипот и можност за „peer-to-peer“ Wi-Fi поврзување и слично.
Според ЕК, трети страни треба да можат да им овозможат на корисниците функционирање на нивните паметни часовници со сите функции, можност за поврзување со телевизорите и повеќе.
Ова секако звучи добро и логично, но сепак не може да не се забележи се поголемото мешање на Комисијата во работата на приватните компании. Голем дел од корисниците ги користат производите од Apple токму поради начинот на функционирање, а тие кои сакаат доста поголем избор секогаш можат да бидат корисници на Android.
Од компанијата имаа и одговор на најновите барања од ЕК, па во изјава за 9to5Mac тие истакнуваат:
„Денешните одлуки нè обвиткуваат со бирократија, забавувајќи ја способноста на Apple да иновира за корисниците во Европа и присилувајќи нè да ги даваме нашите нови функции бесплатно на компании кои не мораат да играат според истите правила. Ова е лошо за нашите производи и за нашите европски корисници. Ќе продолжиме да соработуваме со Европската комисија за да им помогнеме да ги разберат нашите загрижености во име на нашите корисници.“