3039819-inline-i-1-in-2050-you-might-want-to-be-living-in-helsinki-copy

Повеќето сме чуле за нордиските земји и квалитетот на животот во нив (иако има и контра-тврдења). Многу од постигнатиот квалитет се должи на здраворазумското планирање и изведба на проекти кои овозможуваат изградба на здрава инфраструктура во координација со самите жители, а не по ќејфот на тие што владеат.

Во таа смисла, главниот град на Финска, Хелсинки, по координација со неговите жители ќе започне со изведување на нова инфраструктура која ќе овозможи повеќе зелени површини, помалку лични возила во градот како и развивање на напредна железничка, велосипедска и метро инфраструктура.

Според Рикард Манинен, директорот на Дивизијата за стратешко урбано планирање на Хелсинки: „И покрај тоа што популацијата на градот расте, користењето на приватни возила не треба да порасне. Клучот за постигнување на оваа цел е подобрување на јавниот транспорт, згуснување на постоечките површини и проширување на внатрешниот дел од градот“.

Хелсинки веќе има пет т.н. „прсти“ кои се протегаат од морето до шумата на другата страна на градот. Но до 2050 се планира многу од површините кои сега се зафатени со улици да се претворат во тревници и велосипедски патеки. Тоа сигурно ќе влијае и на загадувањето на воздухот во градот, намалувајќи го и овозможувајќи луѓето да дишат поквалитетен воздух.

Распространета мрежа на трамваи и метро станици ќе го покриваат целиот град, во координација со нови дигитални услуги кои ги нарекуваат „мобилност на барање“ – во обликот на апликација за мобилен телефон која ќе овозможи поефикасно организирање на возилата низ градот. Преку ваквата услуга ќе биде лесно да се повика такси, автобус, кола за делење на патување, па дури и велосипед.

Интересното е што властите од Хелсинки не одлучиле средствата одделени од даноци да ги потрошат на фасадно уредување на градот туку за други, навистина суштински и значајни проекти, како развивање на инфраструктурата. Ваквото развивање е поука за сите градски планери кои се мачат да ги решат проблемите со гужвата, загадениот воздух и звучното загадување.

Извор: FastCoexist

Претходна статијаSamsung добива поддршка за PlayStation Now сервисот за стриминг на игри
Следна статијаКонцепт за нов вид на фрижидер кој не троши енергија