Најголемиот производител на компјутерски чипови веќе последниве неколку години страда од пад на продажбата на таквите уреди, односно од доминацијата на мобилните уреди, каде Qualcomm и Samsung се главните играчи. Затоа, тие почнуваат со нова стратегија, а како и секогаш, промените се одбележуваат со отпуштање на работници.
Иако пазарот на компјутери се стабилизира, Intel веќе има друг план како за ги задржи големите профити и да биде и натаму еден од лидерите на пазарот. Секако, тие и понатаму ќе прават чипови, но сега многу поголем дел од енергијата ќе се насочува кон други делови на пазарот.
Имено, меѓу компјутерите, најголеми профити се остваруваат кај 2 во 1 уредите и гејминг машините, што значи дека Intel ќе продолжи да инвестира со моќни гејмерски чипови, но и во многу поштедливи чипови наменети за тенките уреди како Surface Pro 4 и слично. Сопирањето на развојот најверојатно ќе се почувствува кај десктоп компјутерите, кои се поретко се избор на купувачите.
Големо внимание сепак ќе се посвети на развојот на чипови за дата центри, односно за “Cloud” платформите. Овде се очекува да е иднината на компјутерскиот свет – за неколку години отсега нашите мобилни уреди нема да користат само простор за податоци на “Cloud” туку и нивната голема процесорска моќ.
За оваа цел Intel развива целосно нова 3D Xpoint технологија за складирање податоци, која е преку 1.000 пати побрза од NAND технологијата која моментално се наоѓа во SSD дисковите. Исто така, Intel засилено ќе работи на специјализирани чипови, поточно FPGA, кои ќе бидат наменети само за одредени задачи, но ќе ги извршуваат многу побрзо од процесорите, кои се наменети за широк дијапазон на пресметки. Нормално, во сето ова влегуваат и Xeon чиповите, кои ќе продолжат да бидат надградувани со цел да останат пред засилената конкуренција од ARM и IBM Power.
На крај, Intel гледа и голем пазар во Internet of Things пазарот, каде тие најверојатно ќе понудат целосни сервиси, а не само мали и штедливи чипови. Поточно, ова се уредите каде ќе се имплементира целата таа “Cloud” технологија.
Извор: PC World 1, 2, ARS Technica