Минатиов викенд се одржа финалниот настан на пилот-проектот Прва Национална Олимпијада за Вселената, на спортскиот аеродром Стенковец. За време на финалето 8 најдобри тимови од регионалните натпревари земаа учество во Мисијата „АТМОСФЕРСКА ИЗВИДНИЦА“ и учествуваа во работилница, водена од експертот за вградени системи и мехатроника Благој Ќупев, и имаа можност заеднички да подготват експеримент преку поврзување на сензори за мерење на влажност, температура, барометриски притисок, CO2, и загаденост на воздухот (TVOC).

Сензорите како „товар“ потоа ги прикачија на дрон со помош на Марко Лазетиќ, експерт и конструктор на дронови и други летала, а по летањето ги анализираа добиените податоци и разговараа за можните начини на подобрување на експериментот. Дел од учесниците работеа и на осмислување и креирање на лого за мисијата по примерот на официјалните мисии за летови во вселената организирани од американската агенција NASA. Учесниците имаа и уникатна прилика да летаат и со балон со топол воздух и да поразговараат за закони од областите физика, кинематика и термодинамика, а на возбудата, љубопитноста и интересните разговори им немаше крај.

Првата Национална Олимпијада за вселената е во организација на Њуменс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс со поддршка на Американската Амбасада во Скопје. Целта на оваа иницијатива е промоција на STEAM вештините и концептот на „граѓанин-научник“ заради зголемување на интересот на учениците од 8мо и 9то одделение, како и од средните училишта за природните науки и техничките професии како нивна идна професија. Претставничка на Амбасадата на САД во земјата го посети настанот и разговараше со учесниците за нивните впечатоци и придобивките од ваков вид на активности каде младите имаат можност тоа што го учат во школските клупи да го применат на повисоко ниво и во пракса.

Во рамки на Олимпијадата на финалниот настан му претходеа 4 регионални натпревари во Гостивар, Охрид, Прилеп и Штип, кои се реализираа од почетокот на година. Иако стануваше збор за прв пилот проект од ваков вид учество земаа вкупно 300 ученици и 40-тина ментори од 20 градови и населени места, од кои 60% девојки, а 25% учесници од рурални средини. За време на регионалните натпревари учесниците работеа со ментори од училиштата и тимски решаваа предизвици селектирани од јавната дата база на програмата за ученици и едукатори NASA STEM Engagement. Посебна благодарност упатуваме до Општините, Директорите од сите вклучени училишта, како и менторите кои посветено ги поддржуваа учениците.

За време на настанот беше промовирана и кампањата „Подари му го најубавиот Новогодишен подарок на Лео„ со тоа што ќе донираш за неговото лекување (#ДонирајЗаЛЕО, #ОдСрцеЗаЛЕО). Кампањата има за цел прибирање сретства за 18-годишниот Леонид Индов, кој беше дел од победничкиот тим AERTH на NASA Space Apps Challenge 2022 од Скопје, а летово доживеа сериозна несреќа за време на летување во Грција, по што му беше направена комплицирана операција на ‘рбетниот столб.

Лео е исклучително момче, кое зрачи со посебна енергија, добрина и кроткост. Тој е и голем другар и талентиран млад програмер, кој оваа година требаше да оди во 4та година во Матматичката Гиманзија, но на него и неговото семејство им претстои голема борба.

#ДонирајЗаЛЕО, #ОдСрцеЗаЛЕО

НА ЛЕОНИД МУ Е ПОТРЕБНО ИТНО ЛЕКУВАЊЕ СО РЕХАБИЛИТАЦИЈА ВО СПЕЦИЈАЛИЗИРАНА ЗДРАВСТВЕНА УСТАНОВА

За жал во Македонија нема соодветна установа и методи за лекување, а секое дополнително чекање ќе го направи опоравувањето многу потешко. Клиники од Австрија и Швајцарија веќе го разгледаа неговиот случај и даваат солидни шанси за опоравување. Секој мал придонес ќе помогне во остварувањето на неговиот сон да се врати во училишните клупи и да продолжи да биде инспирација за следните генерации.

ВЕ МОЛИМЕ ДОНИРАЈТЕ преку:
1. Јавување на телефонските броеви Телеком: 143-118 / А1: 143-500 (100 денари од јавување)
2. За уплата од Македонија: 210-7000006805-91 НЛБ Банка
3. За уплата од странство: IBAN: MK07210501567799991, SWIFT: TUTNMK22, NLB BANKA AD SKOPJE
4. Уплата од странство со картичка преку GoFundMe: https://bit.ly/Donate4Leo.

Сега е моментот да покажеме колективна добрина, човечност, како и корпоративна одговорност, за што побрзо да ја вратиме намевката на неговото лице.

Претходна статијаСоработниците на Apple веќе работат на развојот на „камера под екранот“ за iPhone
Следна статијаBeeper Mini повторно функционира со iMessage сервисот