Развојот на технологијата овозможува полесен и поголем пристап до работи кои што до пред некое време се сметаат за скапи и достапни само за институтите или компаниите. Ова се разбира е добра работа, меѓутоа како и се друго, може да биде искористена и за олеснување на одредени не толку добри активности.
Според Jos Weyers и Christian Holler достапноста на 3D принтерите овозможува правење на клучеви кои што можат да се користат за лесно отворање на голем број на брави, па дури и такви кои што се имаат сметано како брави со поголема сигурност. Тие имаат развиено софтвер наречен Photobump кој што врз основа на слика од бравата која што сакате да ја отворите, како и уште неколку информации како што е длабочината на бравата, може да направи модел од потребниот клуч за нејзино отворање. Клучот може да биде испринтан со било кој од денеска достапните 3D принтери, а материјалот од кој што треба да биде направен клучот може да биде и пластика и метал.
Клучот кој што се прави е наречен „bump key“и е клуч кој што веќе одамна се користи за отворање на разни брави. Овој клуч е така направен да може лесно да биде внесен во одреден тип на масовно користени брави, по што со удирање со чекан врз него се успева да се постигне мало поместување на игличките во бравата со што се овозможува нејзино отворање.
Со користење на овој софтвер како пример, двајцата клучари сакаат да покажат што може да се постигне со технологијата која што денес е масовно достапна. Сепак голем број од новите брави кои што се користат на нешто поскапите врати не може толку лесно да бидат отворени како што тоа е прикажано во овој пример.