Еден од поголемите проблеми кај децата од основните училишта и нивното познавање за компјутерите, е што знаат да ги работат, но многу од нив имаат оскудно познавање од тоа како се програмира, односно како се создаваат сите тие оперативни системи и апликации. BCC лансираше мини компјутер, кој на наједноставен начин ќе им овозможи да го научат тоа.
Имено, супер малиот Micro:bit компјутер ќе биде бесплатен за секое дете во 7-мо одделение во Велика Британија, што значи дека уште во првата година, ќе бидат испорачани преку еден милион уреди. Ова е инаку проект на неколку партнери, меѓу кои ARM, Barclays, element14, Freescale, Lancaster University, Microsoft, Nordic Semiconductor, Samsung и Wellcome Trust.
Компјутерот е многу едноставен и е налик на првите компјутери од пред педесетина години. За разлика од модерните компјутери, овој не може да се поврзе со надворешен екран, но затоа има 25 LED диоди. Ваквиот пристап не е за намалување на трошоците, туку за поедноставување на учењето на програмирањето за децата.
Со BBC Micro:bit е многу полесно да се направи едноставна програма и со тоа ученикот да се внесе во основите на програмирањето, бидејќи има и многу помалку варијабилности. Ова не само што ќе помогне во учење на програмирањето, туку и ќе ја покачи инвентивноста, креативноста и имагинацијата. Како пример, претставени се веќе неколку различни игри, кои може да се играат на 25-те диоди!
Микро компјутерот сепак има и неколку модерни компоненти, меѓу кои акцелерометар, кој може да се користи за играње на игрите, магнетометар, кој може да се користи за детектирање на метал и Bluetooth чип, со помош на кој може да се направи програма која ќе замени далечински управувач. На уредот има и две хардверски копчиња, кои исто така ќе може да се искористат во програмите.
Самиот компјутер има димензии од 5 на 4 сантиметри и се напојува со поврзување на USB кабел со нормален компјутер (ќе може да се напојува и со две AAA батерии), но и со паметен телефон или па дури и Raspberry Pi, кој многумина го сметаат како главен конкурент токму на овој компјутер, но тоа е според мене погрешно, бидејќи имаат многу различни намени и можности.
Иако засега е проект кој е наменет за децата во школите, BBC Micro:bit наскоро ќе биде достапен и на пазарот. Цената засега не е позната, но истата не би требала да биде повисока од десетина долари, бидејќи компонентите се навистина најосновни.
Micro:bit инаку не е прв ваков проект на BBC, односно е директен наследник на компјутерот Micro, претставен во 1981 година. Во споредба со него, овој е 18 пати побрз (што не е многу, бидејќи разликата е три децении), 70 пати помал и 617 пати полесен.
Извор: The Next Web, Geek, BBC