Ecobee, канадската компанија која го направи првиот WiFi конектиран термостат, конечно одговори на конкурентниот футуристички дизајн на Nest со објавувањето на Ecobee 3.
Ecobee 3 е резултат на две-годишната соработка со Lunar Design, дизајнерска група со седиште во Сан Франциско која се занимава со секаков дизајн, од првиот notebook на Аpple, па се до лажици за сладолед. Компаниите ги превземаа функционалностите од постоечкиот Ecobee модел и конструираа нов кориснички интерфејс кој изгледа и функционира идентично, независно од тоа дали се користи на термостат прикачен на ѕид или пак на смартфон.
Уредот е црн квадрат со заоблени рабови кој значително се разликува од неговите претходници. Новиот термостат има 3,5 инчен LCD екран на допир во боја со високо интуитивни икони и контроли. Уредот не само што ја прикажува температурата и влажноста на воздухот, туку го прикажува и времето. Сите контроли се на екранот, за разлика од копчињата кај производите на Nest.
Новата карактеристика е што може да се интегрираат сензори кои можат да се постават во секоја соба од вашиот дом. Секој од нив ги следи температурата и движењата, така да системот може да се прилагоди во која соба и да се наоѓате. Еден од сензорите е вграден директно, а друг во кутијата која се напојува со батерии и може да се постави на било која рамна површина или на ѕид. Системот работи со до 32 сензори. Идејата е дека сензорите ќе ја надгледуваат температурата, движењето и активностите во индивидуалните соби. Типичните термостати, па и паметните можат да собираат информации само во нивната близина.
Системот реагира на активност во секој момент, па така доколку ја напуштите собата температурата се намалува, но исто така системот собира информации за да може да ги разбере шемите на однесување.
Новиот модел ветува инсталација која можат да ја изведат самите корисници. Ecobee направи две промени за да го олесни инсталирањето. Едната е детекција на мрежата, така што автоматски ќе може да се конфигурираат софтверските подесувања, а другата модификација е вклучувањето на додатен хардвер за напојување кој може да се вклучи директно во системот за греење на домот.
Термостатите и паметните системи претставуваат интересни предлози за идните домови. Многу од сопствениците на куќи се решаваат за додавање на соларни панели во нивните домови, а започна и тренд за поставување ветерници за генерирање на електрична енергија.
Според Stuart Lombard, косопственикот на Ecobee купувањето на термостатот од 250 долари е исто толку добра идеја како и поставување на соларни панели на кровот од вашиот дом вредни 26.000 долари. Тој тврди дека на овој начин ќе заштедите онолку енергија колку и од соларното поле, а ќе завршите одлична работа во регулирањето на внатрешнита климатска контрола.
Со понатамошната експанзија на паметните уреди за домовите останува да видиме како Ecobee ќе се натпреварува на релативно новиот пазар каде доминираат производите на Honeywell и Nest.