Уште од создавањето на компјутерските процесори, научниците работат на поврзување на технологијата со транзисторите која се користи кај сите процесори денес, со човечкиот мозок, кој сѐ уште се смета за најефикасен начин за процесирање на податоци. Еден од производителите кој веќе работи на таков процесор е Intel – нивниот Loihi чип е во развој веќе 6 години и нормално ќе биде наменет за вештачка интелигенција.

Loihi работи многу слично како човечкиот мозок, бидејќи наместо бинарна 1 или 0 состојба, користи таканаречени неврони со различна јачина, односно многу повеќе состојби меѓу 1 и 0. Чипот има 1024 вештачки неврони, односно дури 130.000 симулирани неврони, кои можат да направат 130 милиони синаптички врски. Оваа бројка е далеку од таа на човечкиот мозок, кој има 80 милијарди синаптички врски, но е подобра од таа на многу животни, како на пример јастогот.

Благодарение на ваквото функционирање, овој процесор може да се користи за вештачка интелигенција, поточно е идеален за машинско учење. Имено, после долго проучување на некои тематики, овој процесор прави посебни синаптички врски меѓу поголем број на неврони, систем кој евентуално води кон интелигенција и учење, исто како што учи и човечкиот мозок.

Според Intel, оваа технологија може да го забрза машинското учење за 1.000 пати, но чипот сепак нема да може да се користи за многу модели на машинско учење, односно е прилично ограничен за визуелно препознавање. Како и да е, Loihi би можел да се користи во комбинација со други типови на чипови наменети за машинско учење, па затоа Intel планира да има модел кој ќе биде подготвен за тестирање уште во Ноември оваа година, кој ќе биде даден на водечките универзитети и институции кои истражуваат вештачка интелигенција.

Извор: Engadget, PC Gamer, Intel

Претходна статијаНовите смартфони на Sony ќе имаат целосно нов дизајн
Следна статијаНаучниците потврдија, кучињата навистина чувствуваат љубов кон своите сопственици