Lytro е производител кој досега имаше неколку интересни, но недоволно популарни камери за широките маси, бидејќи корисниците реално немаа некои особени придобивки од нивните можности. Сепак нивната нова Cinema камера е продуктот кој може да ги вивне во ѕвездите, бидејќи има можности со кои потенцијално ќе го смени начинот на кој се снимаат филмовите.
За оние што не знаат, Light-Field технологијата во Lytro камерите, може прецизно да ја препознае длабочината на сите субјекти во фотографијата и потоа да направи 3D мапа од просторот. Потоа, корисникот може да го смени фокусот во фотографијата откако ќе фотографира, односно дури и на својот компјутер. Ова, иако на хартија звучи како одлична можност, во пракса се покажа само како трик кој не помина најдобро кај широката публика.
Cinema камерата со истите вакви можности сепак има потенцијал да направи голем бум во професионалниот свет. Благодарение на Light-Field технологијата, камерата може да ја фати целата длабина на сликата и потоа при преработката на видеото, на него може лесно да се смени фокусот (ова е многу тешко за камерманот при снимање), да се извади некој субјект од сцената, да се вградат други субјекти во различни длабочини на полето, да се подобри динамичкиот опсег итн.
Сите овие проблеми се реални во светот на снимањето филмови, со кои луѓето кои ги преработуваат се соочуваат секојдневно. Lytro Cinema камерата драматично ќе го забрза и олесни овој процес, бидејќи ќе ја анулира потребата од „зелено платно“ при снимање и рендерирање на целосни компјутерски сцени во позадината.
Ако ова ви делува импресивно, почекајте да ви ги кажам техничките спецификации – сензорот има резолуција од фантастични 755 мегапиксели, доволни за да се сними видео со 40K резолуција (нулата не е грешка). Камерата може да снима со максимум 300 слики во секунда, што е уште поимпресивно. За да се сними ова видео на снимателите ќе им требаат прилично многу и прилично брзи дискови, бидејќи Cinema снима 400 гигабајти во секунда!
За преработка на вакво видео се потребни супер моќни машини и Lytro има решение и за тоа – за 125.000 долари, колку што чини изнајмувањето на камерата, корисниците добиваат и пристап до Cloud софтвер за преработка и посебен хардвер за снимање на сите тие податоци. Во превод, нудат целосно решение.
Извор: TechCrunch, Mashable, DPReview