Досега веќе неколку пати имаме зборувано за компјутерите кои ги имитираат невронските мрежи во мозокот и кои можат да учат со текот на времето. Сепак, тоа се големи мега компјутери, кои моментално не се директно достапни на обичниот корисник, односно тој мора да им пристапи преку интернет.
Ова може да се смени наскоро – научници од MIT развија специјален мобилен чип наречен Eyeriss, кој може да учи со текот на времето, што значи дека сме чекор поблизу до вистинска вештачка интелигенција во нашите преносни уреди.
Ново развиениот чип има 168 компјутерски јадра, од кои секое јадро е еден неврон. За разлика од обичните чипови, овој има сопствена меморија, што значи дека нема потреба да го користи рамот од уредот. Исто така, јадрата во чипот можат да комуницираат едно со друго, а има и специјално коло, кое ја распределува работата на јадрата.
Овој чип би требало да е исклучително економичен – троши 10 пати помалку енергија од стандардните графички процесори во смартфоните и според тоа нема да има големо влијание на траењето на батеријата.
Вештачката интелигенција која би можеле да ја имаме во нашите смартфони сепак не би можела да се вгради уште „утре“, односно треба да помине подолго време пред да биде достапна, но како и да е, може да донесе многу интересни можности. На пример, доколку подолго време се полни со информации, чипот ќе може да дава и свои предвидувања – како на пример за спортски резултати или пак да го препознава расположението на својот корисник, односно дури и да се користи во виртуелните помошници, како Siri, Cortana и Google Now и тоа без интернет конекција.