Еден од главните проблеми со кој се соочува li-ion технологијата, која е застапена скоро во 100% од батериите денес, од смартфоните, до Tesla електричните возила, е можноста за експлозија и нивната генерално помала безбедност од постарите Ni-Mh технологии. Но, научникот од Универзитетот во Мичиген, Николас Котов и неговиот студент Сиу Он Тунг, велат дека решението е употреба на кевлар како обвивка.
Кевларот е супер цврст и лесен материјал, кој главно се употребува во воената индустрија, бидејќи е отпорен на силни удари и силни притисоци. Овие квалитети најдобро одговараат токму за употреба кај батериите, бидејќи во тој случај, тие би се заштитиле од сите надворешни влијанија, од помали, до посилни удари. Исто така, бидејќи се работи за материјал кој не е проводник на електрична енергија, во батеријата не би можел да се случи краток спој, како што е тоа случај со мембраните на ќелиите денес.
Всушност, краткиот спој, кој настанува во батеријата по нејзиното долго користење, или пак после некој удар, е виновникот за настанување пожар, односно искрење од батеријата. Мембраната, која се користи во li-ion батериите денес, овозможува заштита од краток спој додека батеријата е нова, но, после подолго користење, литиумските атоми можат да ја пробијат и со тоа да направат спој во системот и да предизвикаат дури и експлозија. Вакви случаи има многу, а најпознат беше случајот со лаптопите на Dell пред неколку години, односно проблемите со батериите во Боинг 787 авионот, кои предизвикаа неколку непланирани слетувања.
Токму употребата на кевлар ќе треба да ги реши сите овие проблеми, бидејќи можноста за краток спој скоро целосно ќе се елиминира, а исто така, мембраната од кевлар ќе може да биде многу потенка, односно со нано димензии. Благодарение на тоа, ќе се добие многу повеќе простор за поставување на ќелиите и со тоа поголем капацитет на батериите, односно, потенка батерија за истиот капацитет како претходно. Во превод, покрај зголемената безбедност, ќе добиеме и подолг век на батеријата и потенки смартфони, односно таблети и лаптопи.
И најдоброто од се е што ваквите батерии ќе ги видиме на пазарот уште во 2016 година. Истражувачите веќе имаат оформено своја компанија, “Elegus Technologies”, која ветува дека ќе почне со сериско производство на новите батерии на крајот од наредната година. Нормално, ќе помине некое време додека батериите почнат да се појавуваат на пазарот, но во почеток, можно е да ги видиме во некои од поскапите смартфони што ќе излезат во 2017 година.
Извор: Engadget