Вчера пишувавме за новиот најбрз графички чип во светот, Nvidia P100 базиран на Pascal архитектурата, чија главна намена сепак нема да биде постигнување повеќе “fps” во игрите, туку користење на пресметковна моќ за компјутери кои можат да учат, односно за вештачка интелигенција. Компјутерот кој ќе ги искористи можностите на овој чип се вика DGX-1 и има вртоглава моќ и брзина како 250 сервери.
Во внатрешноста на ова куќиште се наоѓаат осум Nvidia P100 графички чипови, кои ќе се користат како неврална мрежа за длабоко учење на вештачката интелигенција. Нивната пресметковна моќ е 170 teraflops, што е 56 пати побрзо од стандардните серверски единици со два Intel Xeon чипови.
Секој чип посебно доаѓа со 16 GB супер брза HBM2 рам меморија, што значи дека вкупно има 128 GB, додека стандардната рам меморија брои фантастични 512 GB од DDR4-2133 LRDIMM. DGX-1 има и NVLink интерфејс, кој овозможува проток на информации со брзина од 160 Gbps меѓу компонентите, а за зачувување на податоците се вградени четири Samsung SSD дискови со вкупен капацитет од 1,92 GB. Напојувањето за сите овие компоненти има моќност од 3.200 вати.
Интересно, тука се вградени два Intel Xeon чипови, кои се задолжени за општите задачи – графичките чипови можат да работат со само одредени функции, односно на нив не може да се инсталира оперативен систем на пример.
Ова ги прави совршени за користење во компјутери со длабоко учење, бидејќи може да се насочат на функции за учење и тренирање и тоа да го прават многу побрзо од стандардните процесори.
Но, каде би можел да се користи овој компјутер? Од Nvidia велат дека чипот е перфектен за автономните автомобили, роботиката или супер компјутерите. На пример, бидејќи овој компјутер може исклучително брзо да ја препознае околината, а благодарение на брзата можност за учење, тој може да го препознае типот на препреките при движење на автономниот автомобил или пак експресијата на лицето на соговорникот во роботиката. Всушност, исто како што правиме ние, луѓето.