Прилагодувањата за потребите на купувачите, односно популарно наречените „кастомизирања“, драматично ја покачуваат цената на уредите, што е спротивно на идејата на Raspberry фондацијата за супер евтиниот Pi микро компјутер.
Затоа и веста дека Raspberry ќе им дозволи на купувачите скоро целосна контрола на деловите кои ќе се вградуваат на плочата ја дочекав со мал скептицизам. Непотребно, бидејќи секој кој ќе сака свој, „кастомизиран“ Raspberry Pi, ќе мора да го купи во голема серија. Што значи дека овие прилагодувања не се наменети за приватните корисници, туку за големите компании кои би купиле цела серија на прилагодени производи. Вака, работите имаат многу повеќе смисла.
А што ќе може да се смени? За разлика од дизајнерските прилагодувања на кои не имаат навикнато другите производители, тука купувачите ќе може да одберат целосно различен распоред на плочата и да нарачаат да има повеќе USB порти на пример, повеќе RAM меморија, повеќе простор за складирање податоци, антени за Wi-Fi и Bluetooth, или пак целосно да исфрлат некои елементи. Единствено нема да може да се сменат само графичкиот чип и софтверот.
Нарачката на вакви уреди секако не е инстантна – купувачот треба прво да ги прати сите спецификации и потоа да почека три недели на оформување на цената на така прилагодениот Pi компјутер, па ако му одговара, да се почне со производството.
Делува како долг процес, но сепак се работи за голема серија на компјутери, кои купувачите дури може да ги искористат и за производство на поголеми паметни уреди од Internet of Things сферата.
Извор: Geek