cf591-cf390-curved-monitors-640x0

Еден од главните проблеми при играњето на поновите наслови на игри, кој се јавува на мониторите, е сецкањето на некои фрејмови поради тоа што фреквенцијата на дисплејот и „фрејмовите во секунда“ на испратеното видео од графичката не се синхронизирани.

AMD има специјална FreeSync технологија која го решава овој проблем, односно ги синхронизира графичката и излезниот сигнал на мониторот, а Samsung ги претстави првите монитори со ваква можност преку општо прифатениот HDMI приклучок, наместо преку не толку многу користениот (но технички супериорен) и поскап DisplayPort приклучок.

cf591-curved-monitor-2-1575x1050

Всушност, главната предност на FreeSync системот на AMD во споредба со G-Sync на Nvidia е тоа што ќе може да работи и преку HDMI каблите, што ја отвора вратата за поевтините монитори да се понудат на играчите како квалитетно гејмерско решение – токму како овие на Samsung за кои ќе пишуваме тука. Исто така, FreeSync може евентуално да се вградува и во телевизорите, кои се почесто се користат за играње игри и кои исклучително ретко имаат DisplayPort приклучок.

Мониторите се инаку прилично стандардни – CF591 моделот доаѓа во изведба само со 27 инчи големина, додека CF390 доаѓа во изведби со 23,5 и 27 инчи. Спецификациите не се особено интересни – резолуцијата е само Full HD, времето на одговор е 4 ms, контрастот е солидни 3.000:1, додека максималната светлина е 250 nits. Дисплеите имаат и прилично добра покриеност на 119% од спектарот на sRGB палетата, што ги прави корисни и за професионалците.

cf390-curved-monitor-1-1549x1033

Мониторите се заоблени во радиус од 1.800 mm и благодарение на тоа би требало уште повеќе да го внесат играчот во игрите. Разликата меѓу двата модели е што CF591 има DisplayPort 1.2 приклучок, додека CF390 има само HDMI и D-Sub.

Samsung сеуште нема објавено цени за новите FreeSync монитори, но со оглед на спецификациите, не би требало да бидат премногу скапи и за сите кои сакаат апсолутно мазно играње на својот компјутер, секако дека би ги препорачал. Секако, се додека имате графичка од AMD со FreeSync технологија, но тоа веројатно се подразбира.

Извор: PCWorld, DigitalTrends, AnandTech

Претходна статијаiPhone 7 ќе има три различни верзии – обичен 7, 7 Plus и 7 Pro?
Следна статијаIntel планира свој уред за „изменета реалност“?