SSD (Solid State Drive) дисковите стануваат се популарни од „старите“ хард дискови. Главната причина за тоа е брзината на работа која што овие дискови ја овозможуваат, па сигурно секој од нас кој што оперативниот систем го има инсталирано на ваков диск, ја има забележано разликата во работата.
За разлика од хард дисковите кои што во основа се составени од делови кои што сте движат, па поради тоа и работат побавно, но и пуштаат звуци, SSD дисковите работат на целосно различен концепт. Тие во основа функционираат преку електризирање или исклучување на мемориски ќелии со што се означува нивното пишување или бришење на информации.
Поради начинот на работа, веќе подолго време се смета дека SSD дисковите имаат многу помал век на траење од хард дисковите, а покрај тоа се верува дека тие можат да престанат со работа ненадејно, па да ја изгубите вашата содржина без никакво предупредување.
Таквото верување доаѓа од фактот што начинот на намалување на перформансите, односно на трошење на мемориските ќелии се прави со секое пишување и бришење на информации. Секој диск има одреден максимален број на записи кои што би требало да може да ги издржи, по што се појавува ризикот од негово прекинување со работа.
Меѓутоа се поставува прашањето дали навистина рокот на траење на SSD дисковите, посебно тие кои што се произведуваат денес, е толку мал, па корисниците би требало да бидат внимателни.
Тест на издржливост на SSD дисковите има започнато, а истиот уште трае, Tech Report порталот. Она што тие го имаат направено е тестирање на издржливоста на 6 различни SSD дискови кои што се вклучени константно да работат, односно да впишуваат и бришат податоци 24/7.
Тестот е започнат пред 2 години и до сега прекинале со работа 4 од нив, а 2 уште успеваат да функционираат. Она што е важно во овој тест, не е само времето кое што е поминато пред дисковите да се расипат, туку податоците кои што за тој период се запишани на нив. Количината на податоци која што е запишана на дисковите кои што се имаат расипано во овој период се движи од 728TB до 1,2PB.
Ова е количина на податоци која што обичен корисник не може да ја достигне и по години на користење на дискот. Ваквите тестови сепак повеќе се прават за откривање на издржливоста на овие дискови за користење во серверите, употреба која што ги става во многу поголема искористеност, отколку кај домашните корисници.
Иако овој тест не може да се земе како дефинитивен доказ за издржливоста на SSD дисковите, сепак покажува дека стравот при нивното користење е прилично неоправдан. Како обичен корисник можете слободно да го користите овој вид на дискови без нешто посебен ризик од негово расипување.
Се разбира бекапирањето на важните податоци е секогаш препорачано, без разлика каков вид или квалитет на дискови е во прашање.
Извор: Tech Report, PCWorld