Уредите за гледање на виртуелни содржини или пак играње виртуелни игри сѐ уште се надвор од дофатот на поголемиот број на корисници, пред сѐ поради тоа што за да го искористите нивниот максимум треба да имате и моќна дополнителна машина, но нивната продажба стабилно расте и за прв пат во едно тримесечје достигна продажба од 1 милион уреди, што секако не е за потценување.
Главната причина за ова е сепак намалувањето на цената на ваквите уреди, особено на трите најголеми производители – Sony, Oculus и HTC. Всушност, според бројките, најуспешен во виртуелниот свет е Sony, кој во јули, август и септември оваа година продаде дури 490.000 PlayStation VR единици. Покрај достапната цена на овој уред, успехот на Sony на ова поле се должи и на успехот на самата PlayStation конзола – на купувачите скоро секој продавач им нуди и дополнителен PlayStation VR уред (со подарок виртуелна игра) кога сакаат да купат конзола, а тоа особено важи за јапонскиот пазар, каде PlayStation VR е вистински хит.
Зад Sony е Oculus со 210.000 продадени Rift уреди за виртуелна реалност, што е големо заостанување, особено што Oculus Rift беше прв ваков уред на сцената.
Трет е нормално HTC Vive, кој исто така беше претставен пред Sony и кој се продаде во солидни 160.000 примероци. Останатите производители на вакви уреди имаат продадено многу помалку уреди, но тоа би можело да се промени со напорите на Microsoft на секој Windows 10 компјутер да може да гледате виртуелна реалност со уреди кои чинат само 299 долари.
Извор: Venture Beat, The Verge, Canalys