Академијата за Дизајн на „Seavus Education and Development Centar“ (SEDC) ја проширува својата програма со насоката за 3D Gaming Design. Имавме прилика да поразговараме со еден од тренерите кои се дел од Академијата, па да дознеме нешто повеќе за неговото искуство и гледишта за професијата
Како влеговте во „играта“ на дизајнирање на игри и каде го стекнавте своето образование?
Можеби беше едноставно бидејки секогаш знаев дека тоа сакам да го работам, знаев дека морам да останам доследен и да пробувам да најдам начин да станам дел од од ова. Имав среќа да почнам да работам во првата компанија за дизајнирање игри во Македоинија. Во оваа индустрија сум од 2003 и сум работел на повеќе од 100 наслови. Се што научив и знам од оваа област го направив со голема посветеност, читајки огромен број на публикации од областа на дизајн на игри, посетување на семинари и работилници на кои предавачи беа видни светски дизајнери на игри. И секако најмногу научив од самото искуство кое го стекнав со работа на сите игри на кои сум бил дел од процесот на изработка.
Дали во нашата земја може да се дојде до добро образование од оваа област?
Секако. Во Македонија има голем број на професионалци кои се долго во оваа индустрија и имаат многу што да кажат. „Сеавус Едукативен и Развоен Центар“ имаа одлична идеја која решивме да ја реализараме оваа година, а тоа е Академија за Дизајн на Игри во која кандидатите би се запознале со целиот процес на изработка на игра. Во комуникација со неколку светски реномирани универзитети ја подготвивме програмата која ќе се изучува. Кандидатите ќе научат како да работат со и да водат мулти дисциплинарни тимови, како да ги пренесат своите идеи и визии на артисти, програмери и сите останати во процесот на изработка, како да ги презентираат идеите вербално и сликовито, како да извлечат максимум од имагинативниот и креативниот процес, како да ги прифатат и искористат конструктивните забелешки. Исто така кандидатите ќе се запознаат со основите на 2д и 3д дизајн алатки и со основите на неколку алатки за изработка на игри.
Дали се работи за потешка професија од сличните ИТ професии?
Не би сакал да ги градирам професиите по тежина. Ништо не е тешко кога го сакаш и уживаш во тоа што го работиш.. Дизајнерот на Игри е во постојана комуникација со сите тимови кои се вклучени во процесот на креирање на играта, и со самото тоа мора да се има познавање од работата на другите. Комплексноста на Дизајнирањето на игри е во тоа што е збир на многу вештини и знаења, а убавината е во тоа што секој дизајнер на игри ги надградува овие знаења постојано. Сето ова е потребно за да се остане во тек со брзо менувачката и растечка индустрија за игри. Не многу професии вклучуваат неколку часовно играње на игри во текот на работното време. Тешко знам, но некој и тоа мора да го работи J.
Дали во денешно време оваа професија е популарна и колку се барани спремните кадри?
Со самиот подем на индустријата за видео игри оваа професија станува многу популарна и барана и ова има само растечка тенденција. Дизајнерот на игри е клучниот дел од тимот за креирањето на самата игра. Секое поголемо студио во светот има потреба од неколку дизајнери на игри. Независно од тоа дали ќе се специјализира во концепт и идеа дизајн, гејмплеј дизајн, дизајн на нови елементи и асети, дизајн на нивоа, дизајн на монетизација, балансирање на тежина на играта или во повеќето случаеви ќе мора да ги работи сите овие сегменти.
Што е потребно за некој да започне со работа, покрај се разбира желбата?
Мислам дека основен предуслов е љубовта кон игрите, се друго може да се научи. Ова е одлична можност за луѓе кои сакаат игри, сакаат да играат и да се натпреваруваат, сакаат да креираат и сакаат оваа пасија да ја насочат кон нивна понатамошна професија.