Во текот на претходниот викенд, Сеавус и Сеавус едукативен и развоен центар (СЕДЦ) ја одржаа својата прва конференција на тема „Next generation wireless“ каде се зборуваше за идните технологии за безжична комуникација. Настанот го проследија преку 200 присутни, а говорници беа еминентни експерти од академската и бизнис заедница во регионов и во светот.
Преку нивните презентации, на македонската јавност им ја преставија визијата на светските компании и истражувачки центри за телекомуникациските технологии кои во овој момент се во рана фаза на дефинирање и истражување, а кои ќе се презентираат во јавноста во текот на следната декада.
Станува збор за телекомуникациските технологии од петтата генерација на ГСМ технологијата и технологии за пренос на податоци со многу голема брзина со користење на радио фреквенции од подрачјето на ултра високи фреквенции од редот на 60GHz, како и преглед на трендовите на користење на телекомуникациските услуги понудени од операторите во Македонија.
Конференцијата започна со исклучителната презентација на г. Игор Тасевски од Ериксон, Шведска, кој говореше за достигнувањата во изработка на пробни решенија за 5G од Ериксон и нивните плановите за освојување на оваа технологија во иднина. Во текот на неговото излагање присутните имаа можност од прва рака да дознаат како ќе се одвиваат развојните чекори за целосно дефинирање на 5G технологијата и нејзино промовирање пред светската јавност во 2018 г., додека пак, нејзина комерцијализација се очекува да се случи во текот на 2020 г.
На презентацијата на г. Тасевски се надоврза д-р Лилјана Гавриловска, Раководител на Институтот за телекомуникации при ФЕИТ, која е врвен експерт од областа на телекомуникациите во нашиот регион, со интернационално искуство во истражување на најновите технологии преку работа на практични проекти и учество во академски истражувачки тимови во последниве две децении. Д-р Гавриловска говореше за методите за модулација на сигналите и особеностите на самиот комуникациски протокол, визијата за оваа технологија и најзначајните предизвици за разрешување на мрежите за радио пристап и централните мрежни терминали.
Третиот говорник, д-р Никола Рендевски од ФИКТ, Битола, говореше за предизвиците и предностите на комуникациските системи со краток ранг кои работат на 60GHz и нивната примена во воени и комерцијални цели, како и предизвиците кои претстојат за целосна комерцијализација на оваа технологија и нејзина примена во секојдневието.
Во вториот дел од конференцијата имавме можност да ги слушнеме г. Лазар Динов и г. Горан Јорданоски од Македонски Телеком, кои говореа за трендовите кои се промовираат преку последната верзија од 4G технологијата, навиките на корисниците на мобилна телефонија во Македонија, како и предизвиците со кои се соочуваат инженерите Македонски Телеком, за да ги задоволат потребите на сé понапредните корисници на нивните услуги.
На крај на целиот настан, имавме уникатна можност да ја проследиме презентација на д-р Александар Ристески од Институтот за телекомуникации при ФЕИТ, кој ни ја престави визијата за безбедносните протоколи кои би се имплементирале во 5G технологијата и предизвиците кои ќе произлезат од оваа имплементација.
Преку овој настан, Сеавус и СЕДЦ, заедно со говорниците на конференцијата, имаа можност да покажат дека и во нашиов регион се работи на најнови технологии, постојат кадри и услови за работа на решенија кои се носат со најновите трендови на светско ниво и остваруваат константна соработка со врвните истражувачки центри и технолошки-напредни компании во светот.