063

Марихуана, ганџа, канабис, коноп – ова растение има илјадници засебни имиња, а различните субкултури и друштва и’ даваат сопствено име. Канабисот годишно го користат околу 162 милиони луѓе во светот, а 22,5 милиони на дневна база. Тој може да се користи на најразлични начини, од кои најупотребуваниот и најпознатиот е секако „дувањето“, односно, виткањето и горењето на растението налик цигара вовлекувајќи го чадот во белите дробови.

Директни случаи на смртност од марихуана не постојат, за разлика на такви поврзани со алкохол, цигари, хероин, кокаин. Некои анегдотални „докази“ за нејзините потенцијални медицински ефекти постојат. Се поставува прашањето – зошто воопшто е забранета за употреба и истражување?!

Поради забраната за истражување, не постојат доволно напредни студии кои ги испитуваат нејзините ефекти, а и тие што постојат повеќе се окупирани со нејзините негативни ефекти. Од тоа што го знаеме низ научни истражувања и редовно користење на огромна популација, канабисот ги поседува следните ефекти.

Краткотрајно го менува функционирањето на мозокот

Тие што консумираат марихуана ќе пренесат дека најчесто ги опушта и ги прави покреативни, а потоа им го зголемува чувството на глад особено за благи работи. Всушност, тоа што се случува е што канабисот во себе има соединенија наречени канабиноиди (од кои најпознат е секако тетрахидроканабинол – ТХЦ), кои се слични на некои невротрансмитери кои природно се лачат во мозокот во многу помали количини.

Невроните имаат заштитен механизам со кој ја намалуваат својата активност после период на работа за да не го преоптоваруваат мозокот или да станат предоминантни. Канабиноидите пак, го скратуваат овој заштитен механизам предизвикувајќи зголемена активност кај невроните што резултира во зголемена креативност и фокус на некоја посебна работа. Во исто време, канабиноидите предизвикуваат зголемено лачење на допамин и норадреналин кои го предизвикуваат чувството на еуфорија, смиреност, задоволеност и намалуваат болка.

Користењето на канабис има краткотрајни негативни ефекти врз меморијата и когнитивните функции кои, според малкуте и недоволни студии, се поништуваат по неколку недели апстиненција.

Зависноста и штетноста од канабис е далеку помала него зависноста од никотин, хероин, алкохол и други често користени супстанци

Според истражувањата направени досега, зависноста од канабис е само 9% од луѓето кои ја користат, за разлика од 32% од никотин (цигари), 20 од кокаин, и 15% од алкохол. Дополнително, како што беше спомнато погоре, не постои познат случај на директна смрт од користење коноп преку стандардните начини на консумирање (туку само со инјектирање на хашишово масло). Марихуаната е многу ниско-отровно растение со кое е навистина тешко да се отруе тој што ја користи.

Таа веројатно предизвикува зголемување на случаите на рак на бели дробови, а можеби и на мозочен рак, анегдотални наоди кои, повторно, поради забраната за поголеми студии не се испитани.

Како и да е, пушењето марихуана е најштетниот начин за нејзино консумирање бидејќи при горењето се создаваат најразлични канцерогени супстанци, исто како и при пушењето цигари. Испарувањето со вода или употребувањето во храна се далеку побезбедни начини (но можеби не толку интересни).

Според неколку студии, таа има негативен ефект врз адолесценти и нивниот мозочен развој, правејќи ги двојно посклони кон развивање зависност од канабис, така што општата препорака е ако почнувате да консумирате канабис да започнете после иницијалниот развиток на мозокот т.е. после 26-тата година.

Има многу потенцијални, но неиспитани медицински ефекти

Анегдотално, масло од канабис лечи од некои типови на рак, го зајакнува имунитетниот систем. Дополнително, користењето канабис им помага на многу пациенти со ХИВ, артрит, склероза, мигрени, епилепсија и т.н. со нивните симптоми. На едно истражување 76% од докторите изјавиле дека би ја препишале марихуаната како помагач во третман на симптоми.

Нажалост, поради тврдоглавоста на државите и нивната „борба против дрогите“, едно вакво растение кое има потенцијал да стане употребувано во многу лекови и за третман на симптоми е неиспитано и нерационално забрането. Од друга страна, дозволени се други дроги како никотин и алкохоли кои се далеку поштетни за човековото здравје од тоа што досега ни е познато.

Се поставува прашањето, не е ли веќе време ова растение да се тргне од листата на нелегални растенија каде што очигледно е нерационално сместена, и да започнат интензивни напори кон негово испитување и користење како рекреативна дрога? Со оглед на тоа што конечно и кај нас се престрашија нејзините корисници па организира „Коноп фест“ оваа година, изгледа дека патот е тргнат натаму.

Извор: LifeHacker, Wikipedia

Претходна статијаВеб страните ќе можат да испраќаат нотификации во новата верзија од Google Chrome
Следна статијаНов уред ќе ги замени иглите при вадење на крв