
Деновиве се прошири една интересна вест т.е. објава на студија од двајца научници во Астрономски журнал. Во неа, Констатин Батигин и Мајк Браун ги даваат своите анализи за орбиталните патеки на неколку помали објекти во Кајперовиот појас. Овие објекти имаат чудни патеки на движење, како да не се стандардни кружни т.е. елипсовидни.
Всушност, патеките им се толку чудни што двајцата научници предлагаат постоење на планета која им влијае и ги влече малку по малку низ еоните кон прифаќање на нејзината патека. Да, според нив можеби конечно имаме 9-та планета, а не смешка како Плутон.
Инаку, овие двајца се одговорни и за рекласифицирањето на Плутон во џуџе-планета. Според нив Плутон спаѓа во Кајперовиот појас и не ги задоволува некои карактеристики да влезе во елитното друштво на „вистински“ планети: премал е, составен е во главно од замрзната вода, не е сферичен и така натаму. Жал ни е за Плутон, но тоа е што е. Ќе мора да се потруди повеќе во следниве стотици милиони години.
Да се вратиме на Планета 9. Според ефектите врз орбитите на малите објекти, научниците сметаат дека не постојат повеќе од неколку објаснувања за феноменот, а постоењето на планета е најверојатното. За жал, се` уште ја немаме видено со „голи очи“.

И уште една работа која е прилично интересна – орбиталниот период („годината“) на Планета 9 по пресметка и` трае околу 15.000 години. Да, на теоретскиот интелигентен живот кој би живеел таму, изреката „зимата доаѓа“ би му траел околу 2.000-4.000 години. Па потоа уште 2-4 илјади години за „пролетта доаѓа“, уште толку за „летото доаѓа“ итн. Ако воопшто има вакви годишни времиња.
Како и да е, како што спомнав погоре се` уште ја немаме видено, но барем сега знаеме каде да бараме. Впрочем, Нептун беше пронајден на сличен начин, преку набљудување на патеките на другите соседни планети (Плутон, рековме, не го дружиме). Којзнае дали има уште некоја асоцијална планета која се вртка по надворешните рабови од журката наречена „Сончев систем“…
За крај, се поставува прашањето – зошто толку досадно име како „Планета 9“? Рет Алејн од Wired предлага две интересни имиња: „Планета Закон“ (Planet Awesome) и „Планета Покемон“. Мора да признаам дека се работи за добри предлози, но ќе оставам некое време да дојдат и нови. Мои предлози би биле „Планета на гасовите“ или „Han Wavel“.
Подгответе се за потенцијално запознавање со нов член во нашето галактично друштво! Останува уште само да ја најдеме.