
Центарот на галаксиите засега се претпоставува дека е изграден од црна дупка која гравитационо ја држи целата ѕвездена материја во еден систем. Ѕвездите ротираат околу црната дупка и се поставуваат во најразличните форми кои ги имаме забележано на разни фотографии од вселената.
Понекогаш се случува спојување на две црни дупки кои ја зголемуваат целосната сконцентрирана маса. Ваквото спојување како и ефектите од него досега беа само теоретски претпоставувани (иако претходно се забележани црни дупки кои одат една кон друга, но на огромна далечина), но сега научниците пронајдоа директен пример на овој феномен.
Имено, научниците користејќи го Панорамски испитувачки телескоп и систем за брз одговор (Pan-STARRS1) сместен во Хаваи, преку програмот за пребарување квазари на небото, го пронашле квазарот PSO J334.2028+01.4075 кој има огромна црна дупка од 10 милијарди сончеви маси и емитува повремен оптички сигнал на секои 542 дена. Ваквиот период на емисии е чуден бидејќи обично квазарите имаат аритмичен период на емитување.
Според научниците, тоа што се случува е апсорпција на материја во цикличен период поради постоењето на две црни дупки кои се наоѓаат во крајните фази на меѓусебното спојување. Апсорпцијата на материјата ги предизвикува емитувањата на електромагнетните зрачења. Едниот автор на студијата, Тингтинг Лиу, дополнително коментираше: „Откривањето на компактен бинарен кандидат – систем на супермасивни црни дупки како PSO…, кој изгледа дека е на толку блиска орбитална одвоеност, додава кон нашето ограничено знаење за крајните стадиуми на спојување меѓу супермасивни црни дупки“.
Извор: Phys.org, IFLScience