Веројатно сите сме прочитале дека редовната физичка вежба има цел куп позитивни ефекти за нашето тело. Од поправање на држење на телото, подобрување на мускулната маса, јакнење на скелетот и лигаментите, подобрување на дишниот капацитет, подобрување на работата на мозокот, подобрување на расположението… се гледа јасно дека ако не вежбате редовно, треба да ви се постави прашањето – зошто?
Најчесто кога се објаснуваат позитивните ефекти од вежбањето не се обработени во детали и не се објаснува точно зошто делуваат како што делуваат. Со овој факт не бил задоволен Лео Видрич, блогер, кој се ангажирал да дознае какви точно позитивни ефекти ви носи редовната физичка вежба. Според неговата статија, редовното вежбање има неколку конкретни позитивни ефекти на мозокот.
На пример, актот на вежбање е сметан од страна на мозокот како стресен настан. Па мозокот соодветно реагира, и почнува да лачи белковина наречена Мозочно-деривиран невротропски фактор (МДНФ; Brain-derived neurotrophic factor). Оваа белковина има заштитна и обновлива функција на нервите и делува како рестартор на нивната активност, што делумно го објаснува чувството на леснотија и сталоженост по некоја напорна вежба.
Во исто време, мозокот лачи и ендорфини кои го носат чувството на задоволство и еуфорија. Ендорфините во исто време ја намалуваат болката и стресот од вежбата, бидејќи, како што може да се заклучи од нивното име, имаат сличен состав и активност како и морфиумот. Покрај овие ефекти мозокот станува многу поактивен при вежба, а за да го постигнете овој ефект доволно е и да прошетате барем 20 минути. По скен на мозочната активност по 20 минутна прошетка, јасен е позитивниот ефект врз мозокот, како што можете да видите на сликата доле.
Ендорфините и МДНФ, бидејќи делуваат слично на многу опијати, предизвикуваат зависност кај тие што вежбаат, а воедно ја зголемуваат толеранцијата кон нив. Тоа значи дека на многу вежбачи, за да го достигнат истото ниво треба да вежбаат уште повеќе од претходно, што го објаснува феноменот на „зависност од вежба“ што го гледаме понекогаш кај некои луѓе.
Од друга страна, во анализата на Видрич тој дознал дека редовната вежба има позитивни ефекти врз меморијата, дури и ако денот на тестот не бил кога испитаниците направиле вежба. Ако тие редовно вежбале имале подобри резултати на мемориски тест него седентарни личности, и покрај тоа што не вежбале токму на истиот ден кога биле тестирани. Редовната вежба дејствува против седентарноста, која пак предизвикува ослабување на срцето, пад на концентрацијата, ослабување на телото и така натаму. Светските здравствени организации и доктори препорачуваат дневно да се прават 10 илјади чекори или барем 7-8 илјади за да се одржувате во добра психофизичка форма. Редовното чекорење по барем 7 илјади чекори предизвикува регулацијата на крвниот притисок, топење на непотребни маснотии, почист и посконцентриран мозок.
Најголемите придобивки од вежбањето ќе ги имате кога ќе почнете, ако не сте вежбале претходно редовно. Во секој случај се исплати да започнете со редовна физичка активност, а лачењето на ендорфини и МДНФ кои се најефикасни на почетокот ќе ви помогнат да продолжите со вежбањето и понатаму и да влезете во циклус од кој по некое време ќе испаднете поздрави, посреќни и поспремни за снаоѓање со животот.
Ако ви треба мотивација за да започнете со вежбање, тука е следново видео кое цели да ви покаже дека вежбањето не е исклучено со редовните работни обврски, туку апсолутно комплементарно
Извор: FastCompany, NHS, Live Science