Microsoft вчера ја започна својата Build 2020 конференција, за првпат одржана целосно онлајн поради познати причини. На конференцијата беа претставени доста новини поврзани со сервисите од компанијата, како и Windows оперативниот систем.

Една од поинтересните работи кои беа претставени, а до некаде може да се каже и не толку очекувано е Windows Package Manager. Се работи за алатка која кај Linux се користи одамна и им ја олеснува работата на систем администраторите.

Windows Package Manager, алатка во главно наменета за администраторите, овозможува пребарување, симнување, инсталирање и бришење на апликации, се преку командна линија или со други зборови кажано, со користење на тастатурата и без сликовитиот приказ кај Microsoft Store или веб страните на апликациите.

Ова е одлично кога точно се знае што е потребно и се што му треба на администраторот е брз начин за инсталација на апликации, а со креирање на скрипта, тоа може да се направи и за повеќе апликации одеднаш.

Во првата тест верзија од Windows Package Manager не е овозможено ажурирање на апликациите, како и нивно бришење, но во иднина истото ќе биде вклучено.

Иако апликациите се симнуваат од серверите на нивните издавачи, сепак листата на достапни апликации е зависна од тоа кој има поднесено апликација за да биде достапна преку Windows Package Manager.

Инсталацијата на апликациите, како и другите активности, се прави преку командата winget преку Command Prompt, PowerShell или новата Windows Terminal апликација. Со едноставно внесување на winget и името на апликацијата, истата се симнува и инсталира на компјутерот.

Windows Package Manager е со отворен код и може да се инсталира преку оваа страна.

ИЗВОРgHacks
Претходна статијаFacebook Shops ќе ги претвори Facebook страните во онлајн продавници
Следна статијаФИТР: Во тек е финалната селекција на „Предизвик за млади истражувачи 3“
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.