Апликациите кои нудат можност за видео разговори никогаш немале поголем број на активни корисници како сега. Достапни се повеќе сервиси кои нудат бизнис конференции, но тука се и тие кои се замислени за употреба од страна на обичните корисници.
Една апликација која некако слабо се споменува, а посебно во споредба со Zoom која е пред се за мислена за бизнис комуникација, е Google Duo. Оваа апликација од Google е еден вид на конкуренција на компанијата на FaceTime од Apple и за разлика од другите е доста едноставна и замислена само за видео разговори.
Google Duo веќе има квалитет на видео повиците кој е еден од најдобрите од тоа што имаме пробано, а сега од компанијата најавуваат дека повиците ќе станат уште подобри.
Подобрувањето ќе дојде преку воведувањето на познатиот AV1 codec којшто ќе се користи и од страна на сервисите за стрминиг на видео. Овој „кодек“ овозможува многу подобра компресија на видеото, што значи дека ќе може да се добие подобар квалитет со иста брзина, а ова посебно ќе може да се забележи со помала брзина на конекцијата.

Воведувањето на новиот кодек ќе биде направено во неделите што следат, па корисниците, кои сега можат да бидат и до 12 во групен разговор, сигурно ќе ја забележат разликата. Од Google најавуваат дека и ова ограничување ќе го зголемат.
Покрај оваа новина, Google Duo добива можност за правење на screenshot кога во разговорот се двајца учесници, а двете слики ќе бидат ставени една до друга, наместо да се направи само обичен screenshot на екранот каков што е во моментот.
