Истражувачите од кинеската Xuanwu Labs, во сопственост на познатата кинеска компанија Tencent, открија дека полначите кои се користат кај денешните смартфони и имаат можност за брзо полнење, можат да бидат хакирани.
Со хакирање на полначот, може да се предизвика прегревање и уништување на компонентите на уредот кој се полни, а може дури и да се запали уредот од преголема температура. Причината поради која ова е можно со ваквите полначи е што тие мораат да имаат мал софтвер во нив со цел да остварат „комуникација“ со мобилниот уред и неговата можност за брзо полнење, односно колку електрична енергија може да поднесе.
Доколку полначот е хакиран, тој може да биде прилагоден да пушти повеќе електрична енергија од тоа што телефонот „му кажува“ дека може да прими, па со тоа да ги прегори струјните кола, да го прегрее телефонот и да ги стопи неговите компоненти, па дури и да го запали.

Добрата вест е што од повеќе производители на пазарот, од Xuanwu Labs имаат тестирано само дел, а не сите од тие кои биле тестирани биле подложни на слабоста. Тие веќе контактираат со производителите да ги информираат за нивното откритие со цел во иднина да постои одредена заштита.
Исто така, за да може да биде хакиран полначот, тој треба да биде физички земен и приклучен на потребниот уред или дури и на телефон кој го содржи потребниот малициозен код.
Поради ова, шансите за хакирање на вашиот полнач се прилично мали, но останува тоа дека тој не треба да се дава на било кого.