windows-10-mobile-tiles-10149

Кога Microsoft во Април 2014-та ги купи Nokia, тие веќе го имаа изгубено статусот на лидер на пазарот на мобилни телефони. Apple, односно iPhone и останатите Android произведувачи како Samsung и Huawei веќе ја имаа преземено лидерската позиција. Nokia го изгуби лидерството најмногу поради неинвентивноста и лошата политика која ја водеа за задржување на застарениот и непривлечен за развивачите на мобилни апликации, Symbian оперативен систем.

Купувањето на Nokia од страна на Microsoft внесе надеж кај многу љубители на брендот. Сепак, времето покажа дека тоа беше најголемата инвестициска грешка на тогашниот ексцентричен генерален директор Стив Балмер.

Иако Windows телефоните имаа моќен хардвер и софтвер, сепак продажбата на телефоните беше многу мала. Microsoft повеќе беа ориентирани кон бизнис корисниците со нивниот дизајн и корисничкиот интерфејс. Можеби подоцна со имплементирањето на Live Tiles кои беа интерактивни икони кои се менуваа според тоа какви нотификации имате или пак на пример кога ве известуваше иконата за временската прогноза, се доближија повеќе до помладите корисници. Но, сето тоа не беше доволно за да се спротивстават на мејнстрим имињата како Apple и Samsung.

Маркетингот, исто така не беше доволно агресивен. Microsoft прво ќе пуштеа неколку модели во продажба, па откако ќе видеа кој модел најмногу се продава, тогаш ќе почнеа со агресивна кампања за истиот модел.

Оние модели што најмногу успеаа на пазарот, а тоа се entry level, односно “евтините” модели Lumia, Microsoft како да ги подзаборави. Наместо тоа, продолжи со производство на скапи, но квалитетни мобилни телефони. Сепак, таквите модели ретко кој можеше да си ги дозволи. Со развивањето на апликациите за iOS и Android телефоните, Microsoft дополнително си го скрати делот од пазарот. Корисниците на iOS и Android немаа потреба да купуваат Microsoft телефони, бидејќи истите апликации дури и подобро функционираа на другите уреди.

Добар чекор кој што го направија Microsoft е воведувањето на универзалните апликации, односно истите апликации кои што можете да ги користите на десктоп компјутерите со инсталиран Windows, можете да ги инсталирате и на телефонот на кој што има Windows Mobile оперативен систем.

Но, уште една грешка што ја направија е тоа што не ја развија доволно самата функција и корисниците останаа збунети и со многу проблеми поради баговите кои ги предизвикуваа апликациите. Поради тоа, тие дури и ги копираа апликациите како Messenger, Instagram и Facebook од iOS и ги пренесоа на Windows платформа. Многу корисници се најдоа навредени поради фактот дека тие не се ни потрудиле самите да ги развијат апликациите. А и секако, не функционираа како што треба поради самиот факт дека се наменети за друг екосистем.

Поради малата популарност на Windows Mobile, произведувачите на аксесоари не си дозволуваа масовно производство за тие модели. Можеби, тоа е уште еден фактор поради кој уредите забележаа и слаба продажба.

Со доаѓањето на Сатја Надела малку работите како да се придвижија. Но, во последните денови слушнавме дека Microsoft отпушта 7.800 вработени од дивизијата за развивање на Windows телефоните. Со тоа, можеби е ставен крај на производството на Windows телефони. Мое мислење е дека сепак, потребен е уште еден играч на пазарот на паметни мобилни телефони и дека Microsoft во иднина ќе се врати помоќен, покрај сите тие пари кои ги имаат за истражување на пазарот и моќта и инвентивноста на Сатја Надела. Сепак, мора некој да го разниша ривалството помеѓу Android и iOS поради тоа што и тие ќе се трудат повеќе, а тоа секако е предност за сите корисници.

Претходна статијаOnePlus ќе претстави нов телефон на 15-ти ноември
Следна статијаGoogle е против користење на различни стандарди за брзо полнење на Android