2016-02-17-image-2

Сериски произведуваните флексибилни смартфони се уште поблиску – “Human Media Lab” при универзитетот Queen’s претстави прв прототип на ваков смартфон со флексибилен екран, чии останати компоненти се сместени странично.

Екранот на ReFlex секако е OLED – досега веќе научивме дека за да може да биде толку свитлив, екранот мора да биде изработен со таква технологија. Поточно се работи за екран од LG, со резолуција од 1280х720 пиксели кој е сместен централно на уредот. Останатите компоненти, односно батеријата и матичната плоча со сите чипови, се сместени на страните, бидејќи науката сеуште нема измислено вакви компоненти кои се еластични.

Она што го прави ReFlex револуционерен е што еластичните својства на екранот може да се користат за управување со разни апликации. На пример, со свиткување на екранот може да се вртат страници од книги или магазини, што е многу поприродно отколку лизгање на прстот на самиот екран. Исто така, свиткувањето може да се користи и во разни игри – на пример во Angry Birds можете да го контролирате „катапултирањето“ птиците зависно од  тоа колку ќе го свиткате екранот.

Ова е постигнато благодарение на сензори на задниот дел од екранот кои можат да ја измерат силата со која го виткате и потоа да ја интерпретираат во алгоритми кои се користат за управување на разни параметри во софтверот.

ReFlex има и уште една технологија која треба да го направи користењето на овој смартфон поприродно – посебна намотка за звук, која може да произведува звуци и вибрации зависно од степенот на свитканост на екранот. На пример, кога вртите страници од некоја книга, на рацете вистински ќе го почувствувате тоа или пак кога ќе го тегнете ластикот во Angry Birds, ќе се чувствувате како вистински да свиткувате гума под прстите.

Ова значи дека може да вртите по страниците на некоја електронска книга и да почувствувате колку страници се свртени и без да гледате во телефонот, што е исто така чекор кон поприродно користење на смартфоните.

Уредот инаку има вграден Android KitKat 4.4, што е малку постара верзија, но нека не ве загрижува тоа – ова е прототип уред кој е веќе подолго време во развој и тимот сигурно ја има избрано верзијата која била достапна на почетокот на развивањето на ReFlex.

Инженерите зад ReFlex веруваат дека оваа технологија ќе ја имаме во нашите џебови во наредните 5 години, но со оглед на тоа колку добро функционира овој прототип, може да очекуваме тоа да се случи и поскоро. Особено ако некоја заинтересирана компанија го купи проектот и го забрза развојот.

Извор: TechSpot, Engadget, SlashGear

Претходна статијаВештачката се поблиску до човечката интелигенција
Следна статијаНаучниците создаваат живи делови од телото по пат на 3Д печатење