Повеќемесечните шпекулации испаднаа точни, па Samsung официјално го претстави специјалното издание од Galaxy Z Fold. Уредот ќе биде достапен само во Јужна Кореа од 25 октомври, а нема информации дека се планира пуштање на некој од другите светски пазари.
Galaxy Z Fold Special Edition е името на уредот и истиот донесува доста добри подобрувања во споредба со неодамна претставениот Galaxy Z Fold6.
Како главни новини се помалата дебелина и тежина на уредот, заедно со мало зголемување на двата екрани. Special Edition е за 1,5 милиметри потенок од Fold6-ката, а исто така тежи 3 грама помалку од него.
Двата екрани се и нешто поголеми, па главниот екран е со големина од 8 инчи, во споредба со 7,6 инчниот екран кај Fold6, додека надворешниот и помал екран е со големина од 6,5 инчи, за разлика од 6,3 инчниот екран кај Fold6.

Екраните се и нешто пошироки, па Galaxy Z Fold Special Edition би требало да им овозможи на корисниците нешто подобро искуство, а ширината на екраните, посебно надворешниот, е нешто што одамна веќе се бара од Samsung. Дел од конкурентите веќе ги прават помалите екрани пошироки со што корисниците можат да ги користат ваквите уреди и како класични смартфони без проблем.
Уште една новина ја добива специјалната верзија, а тоа е ултра широка камера со сензор со 200 мегапиксели, а тука е и меморијата која вклучува 16GB, во споредба со 12GB кај другиот модел.
Посебната верзија од Snapdragon 8 Gen 3 ќе биде чипот кој ќе се користи, а ова е изгледа и единствената карактеристика која останува иста, со оглед на тоа што засега Samsung не објави информација за батеријата.
Galaxy Z Fold Special Edition ќе се продава во Јужна Кореа по цена од околу 2.000 долари.