Ако одиме низ историјата на мобилните телефони воопшто, ќе се сетиме на секакви различни типови, со лизгач, на преклопување, на ротација, со чудни тастатури и облици… Трендот на ваквите дизајнерски иновации и експериментирања прекина со лансирањето на првиот iPhone и од тогаш, сите мобилни, односно паметни телефони, изгледаат исто, односно со еден голем екран во предниот дел.
Според LG, производителот кој заедно со Samsung најмногу иновира во областа на дизајнот кај паметните телефони, ваквиот тренд нема да престане уште подолго време. Иако уреди како LG G Flex, кој е делумно заоблен, ќе заземаат се повеќе и повеќе од колачот на пазарот, вистинска промена во дизајнот на паметните телефони нема набрзо да се случи.
Причината за ова е недостатокот на компоненти кои ќе можат да овозможат такво нешто. На пример, иако OLED дисплеите можат лесно да се виткаат, односно можат да се направат и транспарентни, како што минатите неколку години ни претставија корејските гиганти, сите други компоненти кај паметните телефони не можат, како на пример матичната плоча, батеријата итн. Во превод, за вистински промени во дизајнот на паметните телефони ќе треба да почекаме напредок во развојот на останатите делови.
И покрај тоа, Директорот за корпоративна комуникација на LG, Кен Хонг, нагласува дека работат на нови технологии, кои ќе можат што побрзо да ни донесат новитети во паметната телефонија. Според тоа колку вложуваат во OLED дисплеите, јасно е дека LG би биле меѓу првите компании кои би ризикувале за развој и на други, егзотични технологии.
Проблемот со недостатокот на технолошки напредните компоненти, наспроти желбите на производителите, според Хонг ќе се намали за околу три години и тогаш ќе може за прв пат да видиме свитливи телефони, иако без можност за целосно склопување, кои би пристигнале многу подоцна.
Извор: Techradar