При дизајнот и конструирањето на најразлични уреди, инженерите секогаш имаат јасна слика за тоа колку тој уред треба да трае, поточно до кога е животниот век на производот, додека тој не почне да губи на перформанси и квалитет.
Според “Environmental Policy” на Apple, iPhone треба да трае околу 3 години, исто како и паметниот часовник Apple Watch, додека очекувањата за траењето на Mac компјутерите и Apple TV се четири години. Ова секако не значи дека вашиот Apple производ ќе се расипе веднаш по поминувањето на три години, но е најава за тоа дека ќе треба брзо да го смените, бидејќи веќе нема да работи како нов.
На пример, постарите модели на iPhone не работат толку добро со поновите iOS надградби, а особено компјутерите и лаптопите стануваат побавни со време. Исто така, поголемиот дел од хадрверските компоненти, како на пример копчињата и дисплеите се трошат со време и го губат квалитетот што го имале претходно.
Ова е и една од причините зошто iPhone смартфоните добиваат надградби три години по лансирањето и потоа завршува поддршката за нив. Затоа и веројатно Apple лансираше подобрена верзија на iPhone 5S, наречена iPhone SE, која има целосно ист дизајн и дисплеј, но помоќни внатрешни компоненти, кои ќе овозможат брзо и мазно работење со поновите надградби на iOS.
Иако на прв поглед три години делуваат кратко, кога ќе размислиме, повеќето од купувачите ги менуваат своите паметни уреди и многу порано, односно на две години. Токму и затоа животниот век на уредите е намален – нема реална потреба смартфоните да се направат да траат повеќе од три до четири години.
Извор: Forbes, Financial Express