Најголемиот производител на паметни телефони кој доаѓа од Кина, а воедно и вториот најголем производител во светот, ќе почне да го тестира новиот оперативен систем на Microsoft, Windows 10, со цел отворање кон идните дивелопери, но и понатамошно лансирање на таков уред на пазарот.
Првичниот план е да се понуди посебен ROM со Windows 10, кој постоечките корисници на Xiaomi Mi 4 телефон, ќе можат да го инсталираат на својот уред. Идејата е дивелоперите на апликации да можат без дополнителни трошоци да го користат новиот Windows и да развиваат апликации за него. Досега, за таа потреба, мораа да имаат Windows Phone паметен телефон.
Засега, Windows 10 ќе биде достапен само за мал број на корисници на Xiaomi Mi 4 на MIUI форумите, но доколку се покаже како успешен, проектот може да помине во следната фаза, односно имплементирање на оперативниот систем во производството на Xiaomi телефоните. Според некои информации, ваквиот пристап на Microsoft може да се прошири и со други производители, кои во иднина би можеле да се придружат на Windows фамилијата.
Со ова, офанзивноста на американскиот гигант на мобилната сцена добива уште повеќе на тежина, односно, додека Google се затвора пред дивелоперите и ги зголемува цените на услугите, како Google Play Store, Microsoft се отвора и веќе нуди многу бесплатни опции. Таков пример е и вградувањето на Microsoft апликациите во Samsung Galaxy S6, како OneDrive, OneNote и Outlook, а наместо Gmail, Google Keep и Google Drive.
Токму преку овие апликации, односно сервиси, а не преку оперативниот систем, софтверските гиганти како Google и Microsoft заработуваат пари и префрлањето кон Windows сервисите е голем удар во профитабилноста на Google, но и воопшто на Android оперативниот систем. Исто така, Xiaomi веќе користи и свој пазар за апликации и има своја верзија на Android, за која, како отворен оперативен систем, не мора да му плаќа ништо на Google. Ваков драстичен чекор, односно исклучување на Play Store од своите телефони, најави дури и Samsung.
Можеби сето ова звучи збунувачки, но накратко, наредниве неколку години можеме да очекуваме благи промени на смартфон сцената, односно пораст на Windows уредите, како и појава на повеќе Android паметни телефони без сервисите на Google, односно со пазари за апликации кои се сопственост на Amazon и слични на нив. Ова пак значи повеќе опции за нас корисниците, што се секогаш добро!
Извор: Windows Central, VentureBeat