Литиум-јонските батерии ги напојуваат скоро сите геџети и преносливи уреди кои ги имаме наоколу – од лаптопот, преку таблетот и смартфоните, до паметните часовници и Bluetooth преносливи звучници. Сепак, многу корисници не се задоволни од нивниот капаците, односно колку можат да издржат со едно полнење, нешто што од компанијата SolidEnergy велат дека целосно ќе се промени во годинава која следува.
Имено, тие имаат развиено нови батерии кои можат да испорачаат двојно поголем капацитет на исти димензии. На пример, доколку вашиот телефон има батерија со 2.000 mAh, доколку ја промените со ваква батерија, ќе имате двојно поголем капацитет од 4.000 mAh, што може драматично да го продолжи времетраењето со едно полнење. И сето тоа без менување на димензиите на самата батерија.
Ова не значи дека ваква батерија ќе биде достапна за вашиот телефон – таа ќе се вградува во новите модели на геџети. Според SolidEnergy, првите примероци ќе се вградуваат во дронови, почнувајќи од овој ноември, каде е и најкритично траењето на батеријата – константното полетување и слетување на дронот за да му смените батерија одзема многу време од снимањето.
Наредната година компанијата очекува нивните батерии да почнат да се вградуваат во нови модели на паметни телефони и паметни часовници, а од 2018 година и во електричните автомобили.
SolidEnergy е инаку компанија создадена од студенти од MIT, кои поголемиот капацитет на овие батерии го имаат постигнато со користење на фолија од литиум за изработка на анодата, наместо графитот кој се користеше досега. Благодарение на тоа што литиумот може да задржи многу повеќе јони од графитот, овој тип на батерија може да задржи многу повеќе електрицитет во себе.
Ваквите батерии можат драматично да го променат развојот на уредите кои ги користиме денес – паметните телефони ќе можат да бидат уште толку потенки, паметните часовници помали, лаптопите ќе траат две работни времиња, додека електричните автомобили ќе можат лесно да поминат преку 500 km со едно полнење. Звучи и премногу добро да е вистинито, нели?
Извор: ZDNet, TechRepublic, SolidEnergy