Се жалите дека батеријата на вашиот две години стар паметен телефон, таблет или лаптоп не трае исто како кога беше нова? Знам, знам, сите го имаме тој проблем. Едноставно, литиум-јонските батерии го губат капацитетот со текот на времето. Сепак, ова може наскоро да се промени.
Имено, научници од Универзитетот во Калифорнија случајно открија нова батерија со нано-жици, која не губи од капацитетот дури и после 200.000 полнења, многу повеќе отколку кој и да било дизајн на батерии досега. Миа Ле Таи и Реџиналд Пенер го откриле ова додека истражувале различни дизајни на новите батерии, очекувајќи дека тие не можат да траат повеќе од неколку илјади полнења.
Сепак, Миа Ле Таи пробала со истурање на специјален електролитски гел врз батериите, како еден од начините да се задржи електричната енергија во батеријата и ја пуштила на неколку илјади кругови на полнење и празнење. На нејзино изненадување, тест батеријата не изгубила воопшто од капацитетот по неколку илјади полнења и двајцата одлучиле да го продолжат тестот на три месеци, односно преку 200.000 празнења – полнења.
Дури и по долгото тестирање, батеријата го задржала капацитетот, што ја прави скоро бесмртна! Од друга страна, технологијата со нано-жици која ја развиваат двајцата, треба да овозможи поголеми капацитети на батериите во многу помало пакување, што во превод значи дека за иста дебелина на уредите како досега, производителите ќе можат да вградат батерија со многу поголем капацитет и со тоа да го продолжат траењето со едно полнење.
Овој развој на настаните може конечно да го реши проблемот со траењето на батеријата во нашите смартфони, таблети и лаптопи, но има и многу поширока и веројатно поважна примена – кај електричните автомобили. Овој дизајн може вистински да ги реши проблемите на актуелните модели, кои немаат претерано голема автономија, а се случува и драматично да го загубат капацитетот после неколку години, што ја намалува автономијата но и ја симнува цената за препродавање.
Извор: Android Headlines, Unilad, Metro