Тим од јапонски истражувачи е убеден дека може да создаде нов вид на стакло отпорно на пукнатини. Имено, стаклото не е буквално отпорно на пукнатини, туку има способност ако напукне, да ја врати првобитната форма. Ова ќе значи дека гребаниците и пукнатините на екраните ќе станат минато.
Тимот јапонски истражувачи од универзитетот во Токио во својата објава во еминентниот журнал „Science“ објаснува подетално за што се работи. Цврсто стакло, односно полимер именуван „Политертиореас“ (polyetherthioureas) има својство да ги „залечи“ пукнатините на својата површина. Тоа би се извело со аплицирање на топлина и притисок.
Ваквиот принцип на менување на формата на материјали како стаклото е општо познат. Меѓутоа се работи за високи температури и поголем притисок. За таквиот зафат, сега за сега, се потребни специјални машини. За разлика од тоа, стаклото „Политертиореас“ може да се реформира со притисок нанесен со помош на рацете и температура од само 21°C.
До ова неверојатно откритие, сосема случајно, дошол Ју Јанагисава кој имал намера да создаде лепило. Тој забележал дека под слаб притисок, за време од само 30 секунди и температура од 21°C степен материјалот може да се моделира. Адутот на овој полимер е што може да биде ремоделиран практично со голи раце.
Стакло со вакви својства претстави компанијата LG. Тие во 2015-тата година го промовираа својот G Flex 2 меѓутоа стаклото успеваше да „залечи“ само минорни гребаници.
Извори: Alphr, The Guardian, TheNextWeb